Натамошен раст на економијата, но веројатно поумерен во споредба со првото тримесечје, погнозира на Народната банка за вториот квартал од 2019 година.
Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите седум месеци од годинава изнесува 1,2 отсто, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5 проценти за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година засега се оценуваат како урамнотежени.
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка ги разгледа остварувањата на домашната економија во контекст на најновите макроекономски проекции.
Според Комитетот, економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната позиција во платниот биланс, контекст кој придонесува за континуирани интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања.
Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, остварувањата за надворешнотрговската размена заклучно со вториот квартал на оваа година покажуваат понизок трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје.
Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на јули засега се во склад со проектираните и укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватни трансфери на ниво на очекувањата за третото тримесечје. Девизните резерви на крајот на јули се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јули покажуваат натамошен раст на годишна основа, кој кај кредитите е нешто поумерен.
Во периодот меѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банките се задржа на стабилно и високо ниво, поради што банките имаа слаба потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити.
Банките ја искористија девизната ликвидност за задоволување на побарувачката на сопствениот и на меѓубанкарскиот девизен пазар, а вишокот девизни средства беше откупен од Народната банка. Откупот на девизниот пазар продолжи и на почетокот на август, при што збирно од почеток на годината, заклучно со 13 август, Народната банка има откупено 174,55 милиони евра.
Банките продолжија да го насочуваат вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, кои овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.
Надолните ризици за светската економија преовладуваа и во јули, поради што политиките на централните банки на глобално ниво беа насочени кон поддржување на економскиот раст. На финансиските пазари во еврозоната беше забележан пад на приносите на безбедните инструменти, во услови на зголемена побарувачка од инвеститорите, заради настојување да се остварат поголеми приноси и очекувања за олабавување на политиката на ЕЦБ.
На почетокот на август уште повеќе се зголеми променливоста на меѓународните финансиски пазари, откако силно се заострија трговските односи помеѓу САД и Кина. САД најави дека ќе воведе царини на увоз на производи од Кина, коишто досега не се оцаринети, бидејќи во преговорите меѓу двете земји не беше забележан очекуваниот напредок.
Општо земено, на седницата беше заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, додека согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена. Притоа, повторно беа нагласени неповолните ризици од надворешното окружување. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.