Постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период очекува Народната банка.
Тоа, според оценката на Банката, има основа во податоците од првите два месеца од годинава кои покажуваат дека продолжува трендот на раст на економијата.
„Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари-февруари 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, како и преку значителното забрзување на растот кај градежништвото. Ова, дополнето со стапка на раст на економската активност во изминатата 2018 година од 2,7 отсто којашто е над проектираната, соодветствува со очекувањата за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период“ се наведува во соопштението од Народната банка.
Просечната годишна стапка на инфлација во првиот квартал на 2019 година изнесува 1,2 отсто, што е под проектираното ниво со октомвриската проекција.
„Во вакви услови, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за оваа година од околу 2 отсто тековно се оценуваат како надолни“, се вели во соопштението
Во првите два месеци има малку поголем трговски дефицит од очекуваниот за првото тримесечје на годинава.
Девизните резерви на крајот на март се малку пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и постојано е во сигурната зона. На девизниот пазар, движењата се и натаму поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи од банките.