Народната банка започнува со објавување нови статистички податоци од доменот на картичното работење коишто се поврзани со трансакциите во странство со платежните картички издадени од домашни издавачи и со трансакциите во земјата со платежните картички издадени од странски издавачи и со објавување на надоместоците коишто банките и другите даватели на платежни услуги ги наплатуваат од трговците за плаќањата со платежните картички.
Како што ијнформираа од Народната банка, податоците поврзани со трансакциите со картички од домашни издавачи во странство и од странски издавачи во земјата досега се прикажуваа само на агрегатно ниво, во рамки на извештаите за платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот.
– Во новите прегледи, овие податоци ќе бидат подетално прикажани од аспект на земјата во која е лоциран уредот преку кој е извршено плаќањето, како и од аспект на земјата во која е издадена платежната картичка. Притоа, за секоја од поединечните земји ќе бидат објавени податоци за бројот и вредноста на плаќањата, во зависност од тоа дали се извршени на банкомати, уреди на физички места на продажба (пос-терминали) или на виртуелни места на продажба – велат од Народна банка.
Народната банка ќе објавува и податоци за висината на надоместоците на продажно место коишто банките и други даватели на платежни услуги ги наплатуваат од трговците.
– Во статистичките прегледи, податоците за надоместоците ќе бидат подетално прикажани во зависност од дејноста на трговецот и според висината на годишниот промет остварен со платежни картички – информираат ов Народната банка.
Новите податоци ќе бидат достапни на веб-страницата на Народната банка, во делот „Платежна статистика“. Податоците по земји за трансакциите со платежни картички ќе бидат објавени за периодот од 2016 до 2018 година, додека, пак, за надоместоците на продажно место за 2018 година.
Понатаму, податоците ќе се објавуваат на редовна годишна основа, согласно со календарот на објавување податоци од доменот на платежната статистика.