Иако поефикасен и поевтин, компаниите сѐ уште малку го користат Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија за решавање на меѓусебните спорови. Причина за тоа, како што денеска изјави на прес-конференција, претседателот на Судот, Горан Рафајловски е недоволната информираност на компаниите и адвокатите, но и востановената клаузула во договорите дека спорот се решава по судски пат.
– Просечното времетраење на постапката изнесува 7,5 месеци – и тоа се однесува од моментот на поднесување на тужбата до моментот на донесување на правосилна одлука. Во практиката Арбитражата бележи и случаи на траење на постапката од 4 месеци. Спротивно на ова, пак, споровите во редовните судови траат три и повеќе години. Одлуката на Арбитражата е извршна и нема период на жалба и можност за повторување на постапката. Тоа за компаниите значи значителна заштеда на време и трошоци за решавање на споровите кои произлегуваат од нивното работење – вели Рафајловски.
Рафајловски тврди дека досега странските компании повеќе ја користат арбитражата, бидејќи одлуките се валидни во 140 земји во светот. Тој апелира компаниите повеќе да го користат овој наместо меѓународните судови.
– Наместо да ја договараат надлежноста на арбитражите во Париз, Цирих или Лондон, домашните и странските компании можат да ја договараат надлежноста на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија – додаде Рафајловски.
Постојниот избран суд Арбитража има 65 арбитри за решавање на меѓународни спорови и 30 арбитри за решавање на спорови во земјава.
– Арбитражата, меѓутоа, е отворена и за надворешни арбитри кои можат да ги изберат компаниите и тоа за нив е предност – појаснува Рафајловски.
Тој смета дека во наредниот период бројот на спорови кои се решаваат преку арбитража ќе се зголемува.
– Годишно се решаваат над 10 спора, а можат да се решат по 100 случаи, но кога ќе видиме дека во последниве неколку години во Македонија се решаваат исклучително мал број стопански спорови во судовите, сметам дека довербата во правосудниот систем е комплетно изгубена и наше е да пробаме да помогнеме таа да се врати во целост – рече Рафајловски.
На светско ниво, арбитражата е префериран метод за решавање на споровите кои произлегуваат од деловното работење за 90 отсто од компаниите, и е најчесто применуван метод за решавање на споровите кои произлегуваат од областите градежништво и енергетика.
– Во САД 90 отсто од споровите завршуваат на Арбитража, а во Германија тој процент е 50 до 60 отсто – вели Рафајловски.
Како институција надлежна за арбитражно решавање на домашни спорови и на спорови со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, функционира од 1993 година. До сега вкупно се речени околу 300 спорови.
На денешната прес-конференција, Рафајловски, најави дека на 19. и 20. април, во Стопанската комора на Македонија, во организација на Арбитражата со поддршка на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) ќе се одржи меѓународната конференција: „Арбитражата денес: Иницијативи и перспективи“ на која ќе присуствуваат и говорат истакнати експерти, теоретичари и практичари од 10 различни европски земји.
– Ќе бидат присутни и адвокати од водечките светски адвокатски друштва, арбитри со децениско искуство во арбитража, и професори кои долги години се занимаваат со овие прашања, два дена ќе дискутираат за најактуелните прашања од областа на арбитражното право – рече Рафајловски.
Излагањата на говорниците на конференцијата ќе опфатат теми од важност за работењето на компаниите, а кои се поврзани со постојаната тенденција за проширување на кругот на споровите кои можат да се решаваат во арбитражна постапка особено оние кои произлегуваат од правото на интелектуална сопственост, антимонополското и концесиското право.
Понатаму ќе бидат разгледани и практичните прашања поврзани со арбитражните постапки и активностите кои се преземаат за остварување на нивна поголема ефикасност и Њујоршката конвенција од 1958 година, благодарение на која странските арбитражни одлуки за разлика од судските одлуки уживаат поедноставен режим на признавање и извршување, а ќе се дискутираат и придобивките и идните предизвици поврзани со нејзината примена.
– Конечно, акцент ќе биде ставен и на инвестициската арбитража која се покажа како ефикасен механизам за заштита на инвеститорите од нерамноправен третман од страна на државата – домаќин и билатералните инвестициски договори кои се основа за покренување на ваквите спорови – рече Рафајловски.