Читам ново продолжение од серијалот „Убавината на транспарентноста“. Долго и широко објаснување од Владата за „погрешната интерпретација“ во дел од медиумите на тендерот за хортикултурно уредување на државни објекти, тежок 670.000 евра. Клучен дел од објаснувањето е дека не станува збор за „набавка на цвеќе“, туку за целосно хортикултурно уредување на 20 државни објекти за период од 3 години. Ете, тоа некои новинари го „превиделе“, ѓубриња едни!
Во веста објавена во „Слободен печат“ и на порталот Плусинфо, на пример, пишува: „Владата распиша тендер за хортикултурно одржување и уредување на објектите на државната управа. Според огласот на Службата за општи и заеднички работи, објавен на Бирото за јавни набавки, проценетата вредност на набавката е околу 670 илјади евра“. Дадена е локација и линк, на кој секој може да ги прочита сите детаљи за тендерот.
Што е спорно тогаш? Е тоа што во насловот фразата „хортикултурно уредување“ е заменета со „цвеќе“. Хахахахах! Има ли некој писмен да им објасни на дечките од Владата зошто, на пример, фразата „финансиски средства“ најчесто ја заменуваме со „пари“, иако има и други видови финансиски средства (хартии од вредност и слично). Дечките мислат дека ние не знаеме што е хортикултура, дека не е само одгледување цвеќе, туку (цитирам од објаснувањето) и „сечење на грмушки, кроење на грмушки и други садници, кроење и сечење на гранки, кастрење на жива ограда и обликување, тресење на грмушки и дрва од снег“, на пример.
Не, не ги боли баш насловот. Ги боли нешто друго. Дечките знаат дека ќе им поставиме неколку логички прашања, за кои тешко ќе смислат задоволителни одговори.
Еве само едно. Имено, тендерот предвидува ангажман за 25 лица, кои, меѓу другото, ќе се занимаваат и со комплицирани работни задачи, како што се полевање, ѓубрење, окопување, собирање отпадоци и ливчиња од тревни површини, сечење грмушки и – најчувствителната хортикултурна операција – тресење снег од грмушки и дрва. Прашањето гласи: на ова метастазирано чиновништво, толку ли не може да се најдат 25 веќе вработени лица (еве само 23 нека бидат, дополнително нека се вработат двајца врвни инженери за хортикултура), на кои ќе им се каже дека е време да престанат да клатат врата и да се фатат за работа?
А меѓу чиновниците има и такви кои ни врата не клатат, туку седат по дома и секој први им стасува платата. Јас, на пример, знам барем едно петорица кои се платени по цел ден да тресат глупости (главно на Фејсбук), а може за истата плата, на пример, да тресат снег од дрва и од грмушки.
Знам дека има и тендери за хигиена и за обезбедување на владините објекти (кои ги има премногу, дел од вилите треба да се продадат што побрзо), но кога дечките од Владата ќе го распишат тендерот за таа услуга, ние пак ќе си се караме, односно пак ќе ги прашаме зошто таа работа да не ја вршат луѓе веќе вработени во прекубројната државна администрација.
Но, дами и господо другари, добро е што сте сфатиле дека имаме проблем на „погрешна интерпретација“. Всушност, вие имате проблем, бидејќи погрешно ги интерпретирате критиките и не сакате да слушнете што зборува народот. А тој веќе зборува гласно, со тенденција да почне да вреви. Затоа, подобро побрзо почнете многу сериозно да ги штедите народните пари, зашто обичните луѓе не се глупави и сигурно сфаќаат дека работата за која сте предвиделе да се потрошат 670.000 евра, може и мора да се заврши со многу помалку пари.
ПС. Можеби сум го пропуштил, ама со душа го чекам објаснувањето на владата за хонорарите од 500.000 евра што ќе ги исплаќа Генералниот секретаријат на Владата. Мора да е забавно…