Над 700 деца на мигранти кои беа раздвоени од своите родители на американско-мексиканската граница, се уште не се вратени кај нивните семејства и покрај судската одлука, јави Би-Би-Си.
Адвокатскиот тим на американските федерални власти информира дека спојувањето на децата со семејствата се уште не е спороведено, бидејќи „нема докази за семејни врски или нивните родителите имаат криминални досиеја или заразни болести“.
Во 431 случај, според судските документи, родителите на децата повеќе не се во САД.
Американските власти на почетокот на годинава раздвоија над 2.500 деца од нивните родители, кои како илегални мигранти пристигнаа на границата меѓу Мексико и САД, затоа што не поседуваа документи за идентификација.
Ваквата постапка властите ја оправдуваа со политиката на нулта толеранција во спречувањето на илегалната миграција.
Постапката на властите предизвика жестока реакција во јавноста, по што американскиот претседател Доналд Трамп ја суспндира одлуката за раздвојување на децата од родителите и беше решено да започне процес на нивно спојување.