Во текот на ова календарска година евидентиран е рекорден број поднесени барања за азил од страна на државјани на Сирија.
Според официјалните податоци, барање за азил поднеле 4.095 Сиријци, наспроти лани кога тој број изнесувал 307.
– Тие во Албанија гледаат безбедна земја за да живеат, поаѓајќи и од верската толеранција по која е позната Албанија. Во Центарот за азил има многу млади, кои високо ја ценат Албанија,но поради различни причини, сепак, не е земја во која би останале. Но, не е мал бројот на оние кои до крајот на животот би останале во Албанија, зашто тука, како што велат, не ги гледаат како бегалци туку како луѓе – пренесува тиранската телевизија „Клан“.
Азилантите велат дека во Албанија биле добро примени, за разлика од други европски земји кои ги затвориле границите.
Затворањето на балканската рута која минуваше од Босна и Херцеговина и Унгарија го зголеми бранот бегалци кои минуваат низ Албанија. Така, на територијата на Албанија годинава се откриени повеќе илјади илегални мигранти, главно од Сирија, но и од палестинските територии и Пакистан. Но,се верува дека бројот на мигрантите кои го продолжиле патот кон некоја западно европска земја е многу поголем.