Над 115 илјади Косовци годинава ќе гласаат за првпат

53

На вонредните парламентарни избори што ќе се одржат на 6 октомври во Косово своето право на глас по првпат ќе можат да го искористат повеќе од 115 илјади граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на Централната изборна комисја (ЦИК) на Косово, Ваљмир Елези за Радио Косово изјави дека треба да се чека да заврши сертификацијата за да се види колку од овие нови гласачи во последните две години станале полнотлетни, а колку првпат се регистрирале во централниот регистар на гласачи.

– Врз основа на прелиминарната листа на гласачи за овие избори, оваа листа содржи 115.215 имиња на гласачи повеќе одошто конечната листа на гласачи за локалните избори во 2017 година – изјави Елези.

Право на глас на локалните избори во јуни 2017 година, според официјални податоци на ЦИК, имаа 1.872.941 државјанин на Косово, додека според прелиминарната листа на ЦИК годинава тоа право го имаат нешто помалку од два милиони граѓани.

Вонредните парламентарни избори на 6 октомври во Косово ќе се одржат откако во јули годинава премиерот Рамуш Харадинај поднесе оставка на функцијата, а Собранието минатиот месец се самораспушти. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...