Нето надворешниот долг на крајот на првиот квартал годинава изнесува 2,68 милијарди евра, или 23,8 проценти од БДП и бележи квартално зголемување од 40 милиони евра (раст од 1,5 проценти). И понатаму доминантно учество во вкупниот нето – долг има приватниот нето – долг со 55,9 проценти, покажуваат податоците што ги објави денеска Народната банка.
Зголемувањето на нето надворешниот долг во првиот квартал произлегува од зголемувањето на јавниот нето-долг (за 47 милиони евра), во услови на умерено квартално намалување на приватниот нето-долг за седум милиони евра. Во однос на релативните показатели, нето надворешниот долг како процент од проектираниот БДП за 2019 година, бележи намалување за 0,9 отсто.
Заклучно со првиот квартал бруто-надворешниот долг изнесува 8,304 милијарди евра, или 73,5 проценти од БДП. Во однос на крајот на минатата година, бруто надворешниот долг, без трансакциите за управување со девизните резерви, е повисок за 99 милиони евра.
Бруто надворешните побарувања изнесуваат 5,617 милијарди евра, или 49,7 проценти од БДП. На квартална основа, бруто надворешните побарувања, без трансакциите за управување со девизните резерви, се повисоки за 58 милиони евра.
„Негативната меѓународна инвестициска позиција (МИП) изнесува 6,122 милијарди евра (-54,2% од БДП) што претставува зголемување за 176 милиони евра.Кварталната промена на нето МИП во поголем дел произлегува од зголемените нето-обврски врз основа на сопственички инструменти, во најголем дел заради растот на нето-обврските кај директните инвестиции (за 166 милиони евра), при истовремено зголемување и на нето-средствата од портфолио инвестиции (за 23 милиони евра)“, се вели во соопштението