Јубилејното 20-то издание на филмскиот настан „Етуал е Тоал“ (Ѕвезди и Платна), кое започна на 3 октомври 2019 година, заврши денеска во Стразбур со доделување на почесни награди на три меѓународни копродукции поддржани од Фондот на Советот на Европа „Евроимаж“, а меѓу наградените е и филмот на Теона Стругар Митевска „Господ постои, името и е Петрунија“, јави дописникот на МИА.
– Наградата за човкови права Одисеј на Советот на Европа му се доделува на филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, копродукција меѓу Северна Македонија, Словенија, Белгија, Хрватска и Франција, за способноста на режисерот да постави на сцената приказна со универзален дострел, се вели во образложението.
Во образложението на „Евроимаж“ се наведува дека ентрална фигура на овој филм е женски лик кој има волја и храброст да се спротивстави на машките-предрасуди што ги одржуваат социолошките оптоварувања на општеството подложено на религиозен конформизам, како и на конформизмот на институциите и медиумите, стои понатаму во текстот на Евроимаж.
– Режисерката на филмот управува со подвигот на интегрирање на природен начин во релативно едноставна интрига голем број клучни точки на борбата за човекови права: покрај централната тема за еднаквост меѓу жените и мажите е директно поврзана со слободата на мислата, совеста и религијата, филмот ги истакнува и прашањата и непријатноста за правото на почитување на приватноста, правото на работа, правото на фер судење, и прашањето за слободата на печатот. Сите тие борби се обединуваат и се заедно, сака да ни покаже Теона Стругар Митевска и не може да има делења во борбите за човековите права на поделба, кога сите овие проблеми директно се совпаѓаат, се нагласува во образложението.
Наградата Одисеј на Совет на Европа за уметничка креација му е доделена на филмот „Студената војна“ на Павел Павликовски, копродукција меѓу Полска, Франција и Велика Британија, додека Специјалната награда ја доби филмот на Саех Зоаби „Тел Авив во палмен“, копродукција меѓу Луксембург, Франција, Израел и Белгија.