Има теории според кои лагата е потребна и корисна. Можеби тоа важи за жените и за лекарите (како што се шегува Анатол Франс), но во политиката сепак не смее да се лаже. Причината за тоа е едноставна. Вистината, да го цитирам поранешниот македонски диктатор Никола Груевски, е како шило – врти, врти и ќе излезе на површината. А кога човек ќе биде фатен во лага, после не му веруваат и кога ја зборува вистината.
Ете тоа, за жал, сега му се случува на аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС). Тој долги години правеше анкети на јавното мислење, кои се важеа за релативно прецизни. Незгодата со мерењата на рејтинзите на партиите и на политичарите е во тоа што тие сами по себе влијаат врз предизборното расположение – луѓето што немаат цврсти политички определби, а такви има многу, едноставно, гласаат за партиите за кои веруваат дека ќе победат на изборите.
„Бомбите на Заев“, кои сега ечат во судница, покажуваат дека Божиновски бил страствен навивач за ВМРО-ДПМНЕ. Четвртата изборна единица, која му задавала маки во истражувањата, тој ја нарекува мутава. Незадоволен од резултатите, во разговор со Миле Јанакиески, вели: „И јас се изнервирав многу“. Конечно и најстрашно од сè, тој најавува дека ќе ја повтори анкетата во таа мутава четворка и притоа на Миле му вели „да не се секира“.
Многу, многу тажно…
Значи ли тоа дека Божиновски ги лажирал анкетите? Не, не мора да значи, но овој разговор бездруго покажува дека тој не можел да оствари неопходна научна дистанца кон резултатите на своите истражувања. А кога не постои таква дистанца, дури и кога истражувањата се прецизни во промил, безвредни се. Реков веќе зошто – на истражувачот еднаш фатен во лага, нема да му се верува и кога ја зборува вистината.
Дури сега Божиновски има причина да се нервира. Баш многу.