Со настапот на џез формацијата Kabadayas, синоќа на плоштадот Македонија беше отворено првото издание на Skopje Street Music Festival. Создавајќи една посебна приказна, звуците од песните од нивниот втор албум, се разлеаја низ отворениот простор. Како што изјавија самите, овој настап за нив бил посебен предизвик, затоа што во публика имаше и млади и стари, од оние кои ја следат и сакаат нивната музика, до туристи и случајни минувачи, пред кои се претставуваат по прв пат.
Настапија и „South Park the Band“ и Why Not, со изведба на обработки на познати рок, поп и фанк песни.
– Првиот ден ни покажа дека идејата и концептот на фестивалот се полн погодок – вели Елена Јовановски, координатор на фестивалот.
– Отворениот простор и непосредниот контакт на изведувачите и публиката направија една посебна атмосфера и овозможија секој на свој начин да ужива во музиката- додава таа.
На другата локација во Дебар маало, пак се изведуваше сосема различна музика. Посетителите, случајни и намерни, тука уживаа во звуците на старите македонски народни песни, испеани од членките на женскиот камерен хор Св. Злата Мегленска и во изведбата на етно- составот „Монистра“. И тие не ја криеја возбудата од можноста да настапат на отворен простор, пред домашна публика.
– Како што е дома, никаде на светот не е! Така ни е и на нас. Без разлика колку и да ни се убави концертите и прошетките надвор од нашите граници, секогаш е најубаво чувството кога сме на своја територија, пред своја публика- велат членовите на Монистра.
Целта на Skopje Street Music Festival е на граѓаните да им овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали. Со тоа, градот Скопје да го претвори во музичка сцена под отворено небо. Во таа насока, за денеска закажани се настапи на уште три локации: паркот кај авиончето, во Аеродром, платото пред Универзална сала и плоштад Скендер- Бег. На програмата се Антоние Весковски, Елена Чадиковска, гудачкиот квартет- Пламенка Трајковска, Band Off, Ani Kinor Quartet и Тони Пецанов на бандонеон.
Ко-организатор на фестивалот е Конгресен центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.