Некои луѓе во Македонија, особено такви случајно влезени во политиката, што ќе рече без елементарни познавања за тоа како се игра тој „спорт“ во нормалниот свет, не сфаќаат дека странските амбасадори во една земја се персонификација на шефовите на своите држави. Поинаку кажано, новата американска амбасадорка е Трамп во Скопје, германскиот амбасадор е фрау Меркел, додека францускиот амбасадор е Макрон.
Што значи тоа? Многу просто – кога разговарате со човек како францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, формално или неформално, на конференција или на пријателски ручек, вие мора да сте свесни дека разговарате со неговиот шеф. Ама баш со Макрон лично. Се убедувате со него, но не се карате, бидејќи знаете дека неговото мислење може битно да влијае врз вашите амбиции, планови и постигнувања. Се сеќавате, после последната берлинска турнеја на премиерот Зоран Заев, јавно го опоменав дека во Берлин не се разговара како во Струмица или во Валандово, на пример, а на Меркел не ѝ се спомнуваат Русија и Кина, како наши „адути“ во битката за датум за преговори за ЕУ.
Амбасадорот Тимоние е еден многу интересен лик. Нетипичен амбасадор. Страшно интелигентен, необично отворен, духовит и со одлични, но и одлучни анализи на состојбите во Македонија. Во својот последен јавен настап, тој ни порача да не се опседнуваме со датумот и опиша некои многу сериозни слабости со кои се соочува нашето општество. Тоа на многумина не им се допадна. Тоа „мрчење“.
Во Струга, вели Тимоние, градоначалникот се однесува скандалозно. Хм, тоа е нешто ново? УНЕСКО ќе ни го одземе статусот на Охридско Езеро. Го знаеме и тоа. Имаме толку многу корупција. Е што, да не немаме? Се менуваат директори на школи на дилетантски начин. Знаеме и за тоа. Што од сето ова не е точно, другарчиња?
„Блесаво е да барате датум за преговори во овој период, имате толку многу проблеми, ќе треба уште да работите за да бидете спремни за датум, чудна ми е таа ваша опседнатост со датумот. Ние не треба да ве оставиме изолирани без пат кон ЕУ, но не треба ниту да ви прогледуваме низ прсти“, категоричен е претставникот на Макрон во Македонија.
Се извинувам, а што бараме ние – да ни се прогледа низ прсти?
Јас разбирам дека луѓето од државниот врв и нивните апологети сега и Тимоние го доживуваат како тежок „мрчатор“ (авторските права за овој термин ги презеде премиерот Заев лично), но знаете како е – колку тоа некому да не му се допаѓа, задача на „мрчаторите“ е да ја соочат јавноста со вистината. Да, вистина е дека Србија и Црна Гора преговараат, но вистина е и дека тоа не им се допаѓа на повеќето европски држави, кои бараат земјите кандидатки прво да ги исполнуваат стандардите, а потоа да преговараат. Или, со зборовите на искрениот Тимоние:
„Еднаш се изглупиравме, по втор пат нема да се изглупираме. Тезите дека, еве, ќе почнеме преговори, па после, додека преговараме, ќе се реформираме, веќе не држат. Нема да се случи тоа, треба да разберете дека имате многу проблеми и не треба да се правиме слепи пред нив“.
Пораката е жестока, но пријателска. Велеумните аналитичари можеби сега ќе бараат нијанси во ставовите на европските метрополи во поглед на нивната спремност да дозволат ЕУ да почне да преговара со Македонија, но во принцип, суштински разлики нема – подготвеноста на една земја кандидат да преговара и да напредува во преговорите зависи од нејзините реформски капацитети и од политичката волја за промени.
Еве, со ЕУ преговараат и Турција, Србија и Црна Гора (Турција од 1987 година), но без видливи успеси. Зарем ни е потребно и ние така да „преговараме“?
Затоа Тимоние и сите други европски „мрчатори“ се во право. Навистина, што сме запнале со тој датум за преговори? Многу повеќе треба да запнеме сега, во овие неколку месеци до очекуваниот старт на преговорите (некои велат декември годинава, а јас велам јануари 2020 година, можеби дури и малку подоцна, сеедно), да демонстрираме политичка волја и капацитет за реформи. Тоа од нас го бара Европа. Тоа и ние треба од себе да го бараме. И да „мрчиме“ за тоа буквално секој ден.
Уште на една работа сакам да предупредам јавно. Читам, на социјалниве мрежи веќе се ројат повици на некој начин да се „санкционира“ настапот на Тимоние, амбасадорот да се „опомене“, или дури и да се упати протестна нота до Париз. Уште малку, некој ќе се сети да предложи човекот да биде прогласен за персона нон грата, како што груевци своевремено бараа евроамбасадорот Ерван Фуере, големиот пријател на Македонија, да биде прогласен за непожелна личност.
Во владејачката партија знаат дека еднаш кон Тимоние во Скопје е направен тежок, мошне непријатен фаул. За што имало и соодветна реакција од Париз. И затоа, другарчиња, аман, ве молам да не се глупирате. Во ваш, ама и во наш интерес, е да не се истрчувате со реакции во афект и од Макрон да создавате непријател на нашата земја. Треба конечно да научите дека во меѓународната политика најуспешен е оној што има и што умее да создава пријатели. Франција е наш пријател и добро е тоа пријателство да се продлабочи, а не да се загрозува.
Мерси боку на вниманието…