Московиси: Лондон мора да си го плати долгот кон ЕУ

233

Еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси, реагираше на најавите на британскиот премиер Борис Џонсон, дека во случај на Брегзит без договор, Лондон не е обврзан да го плати својот долг кон ЕУ.

– Британците мораат да го дадат својот финансиски придонес во било кој случај, без разлика дали е без договор или со договор, станува збор за законски обврски, финансиски обврски, изјави изутринава Пјер Московиси за француските медиуми.

ЕУ и Обединетото Кралство минатата година постигнаа договор за повлекување од ЕУ кој е рамката во која треба да се одвива Брегзит. Договорот предвидува дека Лондон треба да исплати педесетина милијарди евра за различни европски програми во кои е ангажиран како и за платите и пензиите на британски функционери во ЕУ институциите.

-Ова е прашање на доверба за разговорите кои ќе се отворат сега, ова е тема за која не се дискутира и не смее да се дискутира, порача Московиси.

Неисплаќањето на долгот кон ЕУ би можел да биде ризичен за Лондон во однос на довербата на финансиските пазари и на инвеститорите, но пред сѐ би можел да претставува голема пречка во преговорите кои ќе се отворат меѓу Брисел и Лондон за идното трговско партнерство помеѓу двата партнера.

Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ на 31 октомври, Џонсон е подготвен тоа да го стори по секоја цена, па дури и без претходен договор со ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...