Една студија укажува на тоа дека желките го научиле карактеристичниот магнетен потпис на својата родна плажа преку таканаречен геомагнетски импринт
Морските желки го користат магнетното поле на Земјата за да се вратат до областа каде што се родени пред повеќе децении, покажа нова студија која со помош на генетиката ги испитувала патувањата на желките.
По години пливање во голем круг од мрестилиштата во Северна Каролина и на Флорида до Северна Африка, желките успеваат да го пронајдат патот назад до гнездата на плажите каде што се родени со „грешка“ од 65 до 80 километри.
Студијата укажува на тоа дека желките го научиле карактеристичниот магнетен потпис на својата родна плажа преку таканаречен геомагнетски импринт.
– Ова е важна информација ако планирате да ги вратите морските желки во областа каде што живееле некогаш, пред да бидат истребени со ловење – вели Кенет Ломан, професор на Универзитетот од Северна Каролина и автор на студијата објавена во списанието „Карет Бајолоџи“.
Тој додава дека истиот концепт може да се примени на лососите и другу видови речни риби затоа што многу птици и риби исто така ги користат магнетните полиња за навигација.
– Тоа навистина е кул и импресивно, и тоа го прават патувајќи низ океанот кој навидум излгеда како да нема ниту еден ориентир – вели Џ. Роџер Брадерс, автор на студијата, кој би требало да докторира овој месец.
Желките можат да го почувствуваат и интензитетот и аголот на магнетното поле во однос на земјината површина, покажаа претходни истражувања.
Користејќи претходни генетски информации собрани од повеќе од 800 гнезда на Флорида, Ломан и Брадерс покажаа дека постои повеќе генетска сличност меѓу желките кои се гнездат на плажи со слична магнетска структура, отколку со оние кои се гнездат на плажи кои се физички поблиску.
– Очекувавме дека локациите кои се географски блиску ќе бидат генетски поврзани, а оние кои се географски оддалечени ќе имаат многу одредени популации. Тоа не го видовме – рече Брадерс.
Желките карета (caretta-caretta) се гнездат во Флоридскиот Залив и на бреговите на Атлантикот, а некои се гнездат на двете страни во различни периоди во животот, вели Брадерс.
– Со магнетните полиња кои одат преку полуостровот, некои желки можат да направат грешки во навигацијата и да направат гнездо на плажа која е магнетски слична, но на спротивна страна – додаде тој.
Ломан вели дека на Бахамите, каде безуспешно имало обиди за враќање на морските желки кои биле истребени од овие простори пред повеќе векови, геомагнетскиот импринт можеби би можел да помогне.
Теоретски, желките можеби би се гнезделе на одредени плажи ако магнетните полиња бидат изманипулирани и да мислат дека се родени на друга локација.
Њујорк Тајмс – Њујорк