Самитот во Сингапур меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е „доказ дека дипломатијата и дијалогот се единствениот пат напред и јасен знак дека диплматскиот пат е секогаш исплатлив“, изјави денеска високата претставничка за надворешни политика и бебзедност на ЕУ, Федерика Могерини во своето обраќање пред Европскиот парламент посветено на Договорот за иранската нуклеарна програма.
САД на 8 мај годинава се повлекоа од овој мултилатерален договор, одобрен со резолуција на Советот за безбедност на ОН, и ги возобновија санкциите кон Техеран и кон компаниите што соработуваат со Иран, предизвикувајќи гнев и загриженост во Европската Унија.
Могерини ваквата одлука ја нарече „екстремно загрижувачка“ и потсети дека ЕУ донесе одлука да биде изземена од американските санкции. Одлуката ќе стапи во сила на 15 август, неколку дена по воведувањето на американските санкции на 6 август.
Високата претставничка истакна дека договорот со Иран е пред сѐ безбедносно прашање за ЕУ.
– Нашата одлучност да се сочува договорот е и во интерест на САД, бидејќи инаку би можеле да западнеме во спирала на нуклеарна пролиферација. Зачувувањето на нуклеарниот договор е суштински и за да останат отворени каналите на комуникација со Иран – порача Могерини.