Шефовите на европските дипломатии денеска покажале единство околу настаните во Либија, увери Федерика Могерини, додавајќи дека „ЕУ работи на деескалација на тензиите во земјата и ги повикува сите страни да се вратат на преговарачка маса“.
Европската Унија ќе разговара со сите инволвирани страни во конфликтот како и сите сили во регионот, нагласи високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Могерини, со целосно единство. Единството околу либиското прашање од европска страна е критично поради ветото на Русија во Обединетите Нации за резолуција во која се осудуваше улогата на генералот Калифа Хафтар, чии сили денеска го нападнаа и единствениот функционален аеродром во Триполи.
– Членките на ЕУ беа крајно обединети за Либија, имало поделби и различни мислења во минатото, но денеска сите членки ја разбраа важноста од обединет европски глас во момент кога други играчи во најмала рака неубедливо даваат поддршка за Обединетите Нации – рече Могерини на денешната прес конференција по состанокот.
Шефицата на европската дипломатија истакна дека е во интерес на сите Европејци да се избегне воена ескалација во земјата, пред сѐ „поради самиот либиски народ“, нагласи таа.
Но, јасно е дека ЕУ стравува и од нова миграциска криза во случај на дестабилизација на Либија, која е главна транзитна земја за мигрантите и бегалците од Африка кон ЕУ. Могерини ги увери новинарите дека не станало збор за миграцијата на денешниот министерски состанок, но и дека ставот на Унијата останува непроменет за тоа дека Либија не е безбедна трета земја.
– Либија не е безбедна земја, нема никаква промена тука, последните случувања за жал нѐ потсетуваат дека Либија сѐ уште се соочува со тешка ситуација – рече Могерини.
Во последните месеци, европски земји беа обвинети дека ги враќале мигрантите во Либија, од каде што го препливувале Медитеранот за да стигнат до европска територија. Според меѓународното и европското право, мигрантите и бегалците не смеат да бидат вратени во небезбедни трети земји.
Шефицата на европската дипломатија додаде дека Либија денеска беше „дискутирана како соседна земја на членките на ЕУ“, а не како транзитна земја за мигрантите.
ЕУ сега ги повикува сите страни да се вратат на преговарачката маса во Либија.
– Треба да се избегне воена ескалација, а вестите кои пристигнуваат засега не водат во тој правец, треба враќање на преговарачката маса под водство на ОН и да се обезбеди мир и стабилност за либискиот народ – изјави Федерика Могерини.