МОБ ќе ја отвори новата сезона со „Кармина Бурана“

89

Македонската опера и балет вечерва ќе ја почне новата сезона 2018/2019 година со најпопуларната сценска кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, која утревечер ќе биде и репризно изведена.

Кореографијата и либретото на претставата е на Кан Аслан од Турција, сценографијата на Миодраг Табачки од Србија, костимите за операта ги направи Елена Дончева, а за балетот Гизем Бетил од Турција. Диригент е Бисера Чадловска.  Ќе настапат хорот, оркестарот на МОБ, оперските солисти Наде Талевска, Катерина Стојановска, Горан Начевски и Луиџи Скифано од Италија и балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска,  Ивана Коцевска, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Игор Веланоски и Мирослав Митрашиновиќ.

– „Кармина Бурана“ со години го привлекува вниманието на режисерите и кореографите, но и на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар – соопшти МОБ во најавата за отворањето на новата сезона.

Карл Орф ја компонирал „Кармина Бурана“ врз основа на збирка поеми, песни и текстови кои случајно ги открил во бенедиктинскиот манастир Бенедиктбеверн во местото Бура блиску до Минхен, под заедничко име „Песните од Бура“. Поемите се пишувани од патувачките монаси и независни интелектуалци, како и од студенти по теологија. Од нив Орф ја компонирал трилогијата „Трионфи“ во која покрај „Кармина Бурана“ се и „Катули Кармина“ и „Трионфо ди Афродите“. Пишувани се на латински, старофранцуски и макаронски (мешавина од горногермански или гатински дијалект и француски).

„Кармина Бурана“ во Скопје првпат  интегрално и концертно е изведена на 19 јануари 1973 година во Универзалната сала со учество на Македонската филхармонија и Хорот на АКУД „Мирче Ацев“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...