Многу приоритети и проблеми, малку пари – како се делат средствата за регионален развој?

Еден од таргетите во Програмата за рамномерен регионален развој се селата односно рурални места со низок степен на економско-социјален развој.

86
EPA-EFE/ARSHAD ARBAB

Од изградба на патишта и училишта до поддршка на домашни и и странски инвеститори и развој на туризам. Бројни проекти се зацртани како таргет за финансирање во Стратегијата за рамномерен регионален развој, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.

Осумте плански региони во земјава чекаат пари од централно ниво преку повеќе извори – а како клучни и надлежни за спроведување на Програмата и Стратегијата за регионален развој се Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој. Дел од економистите и градоначалниците што ги консултираше „Порталб“ велат дека парите од државниот Буџет се добредојдени за локален развој – но колку реално се постигнуваат зацртаните цели?

Парите за регионален развој – често „жртва“ на ребаланс на Буџетот …

Годинава преку Бирото за рамномерен регионален развој се проектирани средства во износ од 3 милиони евра. Преку ставката „рамномерен регионален развој“ на Министерството за локална самоуправа, пак, одвоени се скоро 4 милиони евра, или вкупната сума за регионален развој преку овие два извори изнесува речиси 7 милиони евра. Парите се доделуваат на барање, односно аплицирање на локалните власти од осумте плански региони преку утврдени критериуми. Дел од градоначалниците велат средствата се добредојдени, но недоволни за да се постигнат повидливи ефекти.

– Парите кои преку централната доаѓаат до локалната власт секогаш се добредојдени, но прашање е колку навистина со тие наменски фондови се помага развојот на локално ниво. Како општина лани за изградба на пат од 1,9 километри добивме средства преку Програмата за регионален развој во висина од пет милиони денари а ние како општина учествувавме со десет милиони денари или сооднос 2:1. Годинава ни се одобрени меѓу 50 илјади и 60 илјади евра за набавка на ново комунално возило за потребите на општината – коментира градоначалникот на Гостивар, Арбен Тараври.

Оваа општина е дел од Полошкиот плански регион во кој, според Стратегијата за рамномерен регионален развој се утврдени бројни приоритети.

„Во Полошкиот плански регион како среднорочни цели се зацртани: подобрување на економскиот раст и развој преку поддршка на домашни и странски инвестиции, подобрување на конкурентноста, одржливо земјоделство рурален развој, модерна и современа инфраструктура, подигнување на степенот на социјален развој“, се наведува меѓу другото во стратегијата.

Дел од економистите посочуваат на два сегменти кога се зборува за државна помош за локален развој.

– Важни се две работи – за колкав износ на средства зборуваме, односно дали тие можат навистина да донесат промени и како што се цели – да обезбедат економски развој на локално ниво и дали тие одвоени пари целосно се искористуваат. Сведоци сме дека со ребаланс на централниот Буџет се случува да се посегне по кратење на ставките наменети за регионален развој и дополнително на крајот од буџетска година и средствата што биле планирани – да останат неискористени – коментира економист и менаџер од Полошкиот регион.

Во 2018 година со Буџетот преку Бирото за регионален рамномерен развој биле одвоени 1,9 милиони евра, а преку Министерството за локална самоуправа 3,4 милиони евра, но со ребаланс на Буџетот парите од оваа ставка на министерството се намалени на 3,2 милиони евра.

Еден од таргетите во Програмата за рамномерен регионален развој се селата односно рурални места со низок степен на економско-социјален развој.

„Со Одлуката за доделување средства за финансирање проекти за развој на селата во 2018 година се доделуваат 27 933 360 денари (скоро 455 000 евра) обезбедени од Буџетот за 2018 година. Доколку се утврди ненаменско трошење на средствата кои ќе бидат распределени, единиците на локална самоуправа потребно е истите да ги вратат во Буџетот“, се наведува во Одлуката за доделување на овие буџетски пари.

Градоначалникот Тaравари вели дека токму селата, односно местата со низок степен на економски развој треба да бидат приоритет во проектите на локалните власти.

– Вкупниот буџет за рамномерен регионален развој не може да одговори на потребите на локално ниво. Имено, со парите кои се одбројуваат преку оваа програма не можеме да зборуваме за сериозен економски развој и инвестиции. На пример во Полошкиот регион има девет општини кои опфаќаат рурални средини и невозможно е со овие пари да се финансираат приоритетите во сите општини – објаснува градоначалникот.

Тој додава дека во рамките на Полошкиот регион се внимава на рамномерна застапеност на сите општини но пред сѐ предност се дава на руралните места кои се во надлежност на тие општини.

Со увид во Завршните сметки на буџетските години, податоците покажуваат дека во 2017 година преку Министерството за локална самоуправа за вкупниот рамномерен регионален развој биле одвоени 2,1 милион евра а потрошени 2,0 милиони евра. Во буџетската 2016 година биле испланирани 1,6 милиони евра кои биле речиси сите реализирани. Според законската регулатива, за поттикнување на рамномерен регионален развој од Буџетот годишно се одвојуваат средства во висина од најмалку 1% од БДП, од нив 70% треба да завршат за финансирање на проекти за развој на планските региони, 20% за подрачја со специфични развојни потреби и 10% за финансирање на проекти за развој на селата.

Податоците од Акциониот план за спроведување на Стратегијата за регионален развој 2016-2018 година, покажуваат дека во овој анализиран период биле склучени договори за спроведување на 230 развојни проекти во вкупен износ од 4 милиони евра. Од нив за развивање на современа и модерна инфраструктура во планските региони се потрошиле 2,2 милиони евра, за поттикнување на економскиот развој 1,5 милиони евра а за искористување на иновативниот потенцијал и поттикнување на техничко-технолошка развиеност 32 000 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...