Младиот пијанист Арда Мустафаоглу ја воодушеви публиката во Атина

189

Со овации и аплаузи беше поздравен настапот на македонскиот пијанист Арда Мустафаоглу на вчерашниот концерт на победниците на онлајн музичкиот натпревар на Меѓународната асоцијација за уметност „The Muse”, што се одржа во Атина.

Петнаесетгодишниот Мустафаоглу се претстави со композицијата „Black earth“ од Фазил Сеј и со Соната 7, став три, Пречипитато од Сергеј Прокофјев, а изведбата и на двете композиции изнуди големи аплаузи од присутните.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, македонскиот пијанист ги пренесува неговите впечатоци и вели дека е задоволен од настапот.

– Јас сум презадоволен. Задоволен сум од мојот настап, се надевам дека и на публиката и се допадна оваа вечер. Публиката ме поздрави со големи овации, вели младиот пијанист кусо по завршувањето на концертот.

Настапот на Арда Мустафаоглу во Атина беше само еден од низата негови претставувања надвор од Македонија.

– Оваа година имав чест да учествувам на концерт и на фестивал што се одржуваше на Алпите во Монтана, потоа имав солистички рецитал во Србија, имав настап во Париз, а потоа и солистички рецитал во Париз, кој беше пред неколку дена. Ми следат три настапи во Германија, а потоа следи нова агенда, вели 15 годишниот пијанист за МИА.

Мустафаоглу веќе над 10 години свири на пијано,  започнал на четири години, а за идните планови, младиот пијанист вели дека ќе продолжи со музичка академија.

На тричасовниот концерт, сите наградени имаа осум минутен настап во просториите на атинската опера. На почетокот, секој од музичарите од 13 различни земји, публиката ја поздрави на својот јазик, а подоцна следеа и настапите.

Меѓу победниците во различни категории имаше и професионални музичари, но и аматери, на сите возрасти. Особено интересна за публиката беше информацијата дека на претставникот од Турција, виолончелото му е хоби, а тој е пилот.

Меѓународното жири составено од  27 членови меѓу кои пијанистот Петрас Генусас, професор на Конзерваториумот во Вилнус, Литванија, Елена Кузњецова пијанистка, почесен уметник на Русија и професор на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, Лидија Фрумкин од САД пијанистка и долгогодишен професор по пијано на Конзерваториумот  „Оберлин“, и  рускиот пијанист и генерален директор на  Државната руска музичка фондација, Борис Розин, одлучија македонскиот пијанист, заедно со другите наградени, да одржат мини концерт во Атина.

Меѓународниот музички натпревар „E Muse”, што е поддржан од грчкото Министерство за култура и Министерството за туризам, се одржува од 2005 година, а до сега учествувале 920 музичари од 87 држави.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...