Мијалков може да избега оти има имот во странство и престојувалиште во Чешка, смета Фетаи

1391
20160328 Monday specijalno javno obvinitelstvo katica janeva fatime fetai

Обвинителката Фатиме Фетаи од апелациските судии побара да ја отфрлат жалбата на Сашо Мијалков за притворот и тој да остане во затворот во Шутка. Таа на јавната седница попладнево во Апелација реплицираше на аргументите на адвокатите на Мијалков.

Прво се осврна на нивното тврдење дека судечкиот совет кој го водеше предметот немал надлежност да определува притвор, бидејќи пресудата била објавена и во таков случај притвор определува Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1. Кривичен совет би можел да определи притвор, потенцираше таа, ако обвинителството тоа го побара после неколку дена од објавување на пресудата, а во случајот СЈО побара притвор на самото рочиште на изрекување на пресудата, односно додека сѐ уште заседавал судечкиот совет во конкретниот предмет.

За тоа дека не се наведени причини за бегатво врз основа на кои е определен притвор, Фетаи ги отфрли наводите на адвокатите и посочи дека меѓу причините се тоа што Мијалков и неговото семејство имаат имот во странство.

Мијалков има пријавено престој во Чешка, а ги наведе и другите постапки против него, како и тоа дека бил на моќна функција и има контакти со други разузнавачки и контраразузнавачки служби.

Таа потенцираше и дека како мотивација за бегство може да биде и тоа што сега веќе има првостепената пресуда со што времето кога тој би требало да заврши во затвор на извршување на казната е намалено во споредба со претходно, кога сѐ уште немаше пресуда, туку се водеа само судски постапки. Затоа, според СЈО, притворот е единствена мерка која може да го обезбеди присуството на Мијалков.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...