Главната одговорност за излез од ќорсокакот со британското истапување од ЕУ е на Велика Британија, изјави денеска преговарачот на Унијата за Брегзит, Мишел Барние во обраќање пред Европскиот парламент.
Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, во дебатата за темите на следниот Самит на ЕУ, закажан за 21 и 22 март, Барние нагласи дека се бараат решенија за сите многубројни проблеми создадени со Брегзитот и за последиците предизвикани од него, со цел да се обезбеди организирано истапување на Велика Британија од Унијата.
Барние нагласи дека тоа ќе биде можно доколку се почитува Договорот за британското истапување, при што во период од 21 месец до четири години би се одржале преговори за идните односи на Велика Британија со Европската Унија, кои, според него, се поважни од оние за Брегзитот.
– Евидентно е дека Обединетото Кралство ќе остане пријателска, сојузничка и партнерска земја (на ЕУ), нагласи Барние.
Тој притоа истакна дека ако Велика Британија се уште сака да ја напушти ЕУ на организиран начин, тоа ќе биде можно само со Договорот што го постигнаа Владата на британската премиерка Тереза Меј и ЕУ.
– Тоа е единствениот Договор што е на располагање. Нема друг договор, потенцира Барние.
Според него, во таа насока се и двата дополнителни документи усогласени во последните преговори меѓу ЕУ и Лондон, со кои „се гарантира мирот на ирскиот остров и интегритетот на европскиот пазар“.
– Нема да има дополнителни гаранции и интерпретации. Британската Влада треба да ни каже како ќе обезбеди конструктивно мнозинство за еден предлог. Одговорност на Обединетото Кралство е да ни каже што сака за нашите идни односи и кои се нивниот избор и јасни линии, додаде Барние.
Тој истака дека не гледа причини за продолжување на преговорите за Брегзит, кога тие веќе се завршени. – Ние имаме договор, тој е тука, нагласи Барние.
Според него, ЕУ се наоѓа во сериозен и тежoк момент, бидејќи ризиците од Брегзит без договор се големи.
– Ние се подготвуваме, никогаш не го посакуваме и секогаш работевме да се избегне, изјави европскиот преговарач, додавајќи дека ЕУ е подготвена да се соочи со Брегзит без договор.