Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, ја напушта функцијата, објави Вашингтон Пост.
Мичел беше еден од најголемите поддржувачи на договорот од Преспа, а ја посети и Македонија минатата пролет. Тој ќе си замине од функцијата следниот месец. Во писмо до државниот секретар Помпео, тој ги навел причините за оставката, посочувајќи дека се повлекува поради лични и професионални причини.
41-годишниот Мичел, како што пренесува Вашингтон Пост, потенцирал дека неговата оставка не е протест на политиката на Трамп, откако низа високи функционери се повлекоа како реакција на надворешно политичките постапки на американскиот претседател.
Од функцијата минатиот месец се повлече и првиот човек на Пентагон, Џејмс Матис, поради одлуката за повлекување на американската војска од Сирија и Авганистан.
Мичел во март минатата година го посети Скопје, а и Матис, само неколку месеци подоцна.