Мицотакис: Од утре небото ќе биде посино, а сонцето посветло

242

Одлуката на народот е јасна, општеството сака обединети да одиме напред, пред се сака развој, работни места и безбедност за Грција одново да стане силна како што и заслужува, рече лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање до Грците, по победата на неговата партија на парламентарните избори.

– Преземам да ја водам земјата и целосно сум свесен за националната одговорност – рече Мицотакис.

Тој им се заблагодари на Грците за довербата, рече дека ќе биде премиер на сите граѓани и напорно ќе работи за да ги убеди и оние кои не гласале за него дека ќе се бори за сите. Истакна дека нивна должност е да ги обединат Грците и ќе го сторат тоа во пракса.

– Од денес почнува една тешка, но убава битка. Земјата повторно гордо ја крева главата. А ние ги засукуваме ракавите. Новата влада ќе работи напорно, тимски и со скромност. Со почит на силниот мандат што го доби од народот – рече Мицотакис и ги спомена неговите предизборни обврзувања, за помалку даноци и многу инвестиции, за нови работни места, за развој и за подобри плати и пензии.

Новиот премиер на Грција кој од утре ќе ја преземе должноста рече дека со работа владата започнува веднаш, а Парламентот ќе работи цело лето.

– Од утре небото ќе биде посино, а сонцето посветло. Се разденува нов ден за нашата татковина – рече Мицотакис на крајот од неговото обраќање до јавноста.

Веднаш потоа, новиот грчки премиер им се обрати и на поддржувачите и симпатизерите на Нова демократија кои беа собрани пред седиштето на партијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...