По четири години, односно по 50 месеци ограничувања на банкарските трансакции во Грција, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денес, обраќајќи се од Парламентот, објави нивно укинување, односно како што рече „од денес capital controls се минато“, jави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека станува збор за нивна заложба која ја исполнуваат пред рокот што го имале поставено и „во соработка со Банката на Грција целосно го враќаат во нормала движењето на капиталот“.
Грчкиот премиер истакна дека „од јануари 2015 владите на Ципрас предизвикаа криза на доверба и одлив на десетици милијарди депозити од грчките банки“ и додаде дека врв на оваа, како што рече, „катастрофална политика беше затворањето на грчките банки на 28 јуни 2015“, што донесе и ограничувања во подигнувањето на готовина и движењето на капитал.
– Денес конечно се затвора еден четиригодишен циклус на несигурност. И по 50 цели месеци се укинуваат capital controls. А во исто време, се отвора, во тешки меѓународни околност, за нашата земја се отвора нов циклус на оптимизам и за економијата и за банкарскиот систем, за Грција каква што сакаме, за Грција каква што заслужуваме – рече Мицотакис од грчкиот Парламент, пренесе МИА.
ФОТО: EPA / SIMELA PANTZARTZI