Мицкоски, кој војува со целиот свет, тој завршува како Милошевиќ или како Груевски!

Консолидацијата на ВМРО-ДПМНЕ може да биде само процес на реформирање и обновување на нејзината прозападна идеолошка ориентација, при што показ за тоа ќе бидат низа конкретни и храбри потези, што ќе значат јасна поддршка на нашиот пат кон НАТО и ЕУ.

3968

Зошто се занимавам со превирањата во ВМРО-ДПМНЕ и со нејзиното раководство, наместо со Владата и со СДСМ? Ова прашање ми го поставуваат пријатели што ги почитувам и со кои имаме различни ставови за политичките прилики во земјата, но сме доволно цивилизирани и демократски настроени за да можеме да разговараме отворено и без лоши чувства едни за други. Тоа денес е ретка привилегија, од која не би сакал да се откажам.

Ќе одговорам јавно и директно на тоа прашање. Да, ги коментирам превирањата со нашата најголема опозициска партија и тоа го сметам за составен дел на мојот однос кон оваа власт на чело со Зоран Заев, однос кој е нагласено критичен. Што сакам да кажам? Внатрешните конфликти во ВМРО-ДПМНЕ, маргинализирањето на таа партија по идеолошка основа и катастрофалното раководење сериозно ја слабеат опозицијата во целина, а со тоа се отвораат нови можности за јакнење на авторитарните тенденции на власта.

За разлика од некои мои колеги од „оваа страна“, кои сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да „умре“ (да се распадне), имено за доброто на Македонија, јас тврдам нешто сосема обратно – на Македонија ѝ е потребна оваа партија, како силен коректив на власта. Но, консолидацијата на ВМРО-ДПМНЕ може да биде само процес на реформирање и обновување на нејзината прозападна идеолошка ориентација, при што показ за тоа ќе бидат низа конкретни храбри потези, што ќе значат јасна поддршка на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Потези како оној на осумте пратеници, кои го поддржаа процесот на уставни промени.

И ова, дами и господо вмровци, не е само мое мислење. Не, вакви јасни и недвосмислени, ама и невообичаено остри пораки, Мицкоски доби на самитот на сестринските народни партии во Хелсинки. Ова раководство на ДПМНЕ има само една шанса политички да преживее – да ги послуша добронамерните совети на своите партнери од ЕПП и да не го опструира процесот на приклонување на Македонија кон НАТО и кон ЕУ. Тоа е и последната шанса за Мицкоски. Тој мора да сфати дека политички лидер што ќе тргне сам против целиот свет, на крајот завршува како Милошевиќ, или, во најдобар случај, како Никола Груевски.

За жал, имам впечаток (искрено се надевам, погрешен) дека Мицкоски и луѓето со кои е опкружен се фатално опседнати со своите заблуди. Тие како да не сфатиле зошто ЕПП направи преседан, па на самитот во Хелсинки покани две делегации од Македонија – една од официјалното раководство и друга која ги претставуваше силите во ДПМНЕ кои сепак се определија да ја напуштат погубната антизападна ориентација што ја форсира Мицкоски. Тој преседан е јасна порака дека Европа си го поставува прашањето дали со оваа дружина на чело со Мицкоски воопшто вреди да се разговара за било што.

Господине Мицкоски, наместо да се соочиш со тој факт, ти, луѓето околу тебе и некои опасни мешетари со кои си фатил работа, насекаде гледате заговори и сценарија за твое уривање. Во дел од приказните сум и јас, заедно со колегата Сашо Орданоски и со неизбежниот Сашо Мијалков. Вие не разбирате дека ние немаме потреба да правиме тајни сценарија. Секој од нас пишува и говори јавно. Јас и Орданоски пишуваме колумни безмалку секој ден, а Мијалков, еве, веќе по втор пат ти се обраќа со отворено писмо. Што има тука тајно и нејасно?

Христијане, мора да сфатиш дека самиот си правиш најголема штета. Не ти замерувам што мене ме есапиш за непријател. Не ти е лесно и тоа го разбирам. Но аман, мора да имаш некој пријател што ќе те посоветува веќе да не правиш вакви глупости и да не дозволуваш да бидеш манипулиран. Па не може, бре, истиот човек што бара да те кутне на конгрес, сега да организира терористичка опсада на домот на пратеник на твојата партија (додека тебе те „рибаат“ во Хелсинки), а ти да не сфатиш дека сето тоа оди на твоето политичко салдо, кое ионака веќе дебело е во минус.

Немаш ли некој пријател што ќе те посоветува да не влегуваш во опасни дилови со авантуристи, некој што ќе ти помогне да се вратиш на вистинскиот пат и да ја консолидираш партијата, но така како што те советуваат партнерите од ЕПП? Размисли, Мицкоски, можеби уште има време да куртулиш. Ама размислувај и дејствувај брзо!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...