Мите Стефоски: Ќе имаме уникатно издание на Струшките вечери на поезијата

175

Во пресрет на утрешното отворање на 57. Струшки вечери на поезијата, директорот на фестивалот Мите Стефоски во интервју за МИА вели дека претстои уникатно и неповторливо издание во кое ќе настапат врвни светски поети, провокативни имиња од новите генерации светски поети, разнородни поетики и поетски писма на поети од триесет земји од пет континенти. Имаме сè што е потребно за успешен фестивал, истакнува Стефоски и жали што кратењето на финансиите станало главна тема пред почетокот на СВП и, како што вели,  ги засенува работите во програмскиот дел.

Пред нас е уште едно издание на Струшките вечери на поезијата. Навикнати сме секоја година да гледаме нови содржини, публиката го очекува тоа, но поради кратењето на буџетот за една третина тоа нема да биде возможно. Како ќе и го објасните ова на публиката, на гостите?

– Уште веднаш директно да одговорам околу програмата на фестивалот кој претстои. Ве уверувам дека во сите аспекти програмата на фестивалот ќе го задржи и во многу делови ќе ги надмине претходните изданија. Тоа се деловите кои не зависат од финансиите, туку од умеењето да се конципира програма со интересни учесници, да се наградат врвни поети (а такви веќе наградивме) да се понудат содржини и да се реализираат на начин кој ќе биде интересен, провокативен. И да најавам дека оваа издание во поглед на концепцијата на програмата е скоро идентично со претходното издание, оценето и од учесниците, и од публиката, и од професионалните посетители како едно од најдобрите светски изданија на кој било фестивал во последните години.

Затоа ја уверуваме нашата публика и целокупната книжевна јавност дека ќе имаме уникатно, неповторливо издание во кое ќе настапат врвни светски поети, провокативни имиња од новите генерации светски поети, разнородни поетики и поетски писма на поети од триесет земји од пет континенти. Имаме сè што е потребно за успешен фестивал. Жал ми е што ова стана главна тема пред почетокот на фестивалот. Се разбира, многу важна, ама ни ги засенува работите во програмскиот дел, во издавачката дејност и сите оние убави нешта за кои е редно да се пофалиме, зашто зад тоа стои огромен труд, посветеност и креативност на еден голем тим на соработници, за што безмерно им благодарам.

Недостигот на финансиските средства ќе влијае на предвидената Годишна програма на институцијата. Се трудевме да не го засегне (иако тешко е да се каже дека не е така) летниот фестивал. За жал, ситуацијата налагаше да успееме да покриеме голем дел од тоа што ни недостига, со тоа што фестивалот речиси половина од потребните средства ги обезбеди преку помошта, соработките и програмите во кои сме вклучени, како што е Версополис на „Креативна Европа“, но и ФИЛИ (Финска книжевна размена),  НОРЛА од Норвешка, Данскиот културен совет, Гете-институтот и други меѓународни институции, но и нашите верни поддржувачи и спонзори – „Тиквеш“, хотел „Карпош“, „Скопска пивара“…

Она што навистина ќе трпи е дел од издавачката програма, Зимскиот поетски фестивал, планиран за крајот на ноември, дел од програмите планирани за оваа година како проширување на дејноста и активностите пред и по фестивалот. Не беше лесно да се истрпи, но беше изнанадувачко и непредвидено ваквото намалување на средствата со кои Министерството за култура не финансира. Ваквото намалување тешко се амортизира, зашто зголемувањето на буџетот во преходните години беше користено за да се дигне нивото на фестивалот во неколку главни насоки, пред сè реномето на фестивалот: професионален и достоинтвен третман на учесниците по вообичаените стандарди на врвните светски фестивали во секој аспект. Подигање на реномето на наградите и перцепцијата за нивното значење и вредност во меѓународни рамки, нови аудиовизуелни пристапи во организација на настаните, нови сценографски пристапи, визуелно преобликување на фестивалот и изградба на голема дигитална поетска платформа која е во процес.

Значаен е и делот со меѓународната соработка, вмрежувањето на фестивалот и соработките и копродуциските проекти. Планирани и предвидени беа и други мерки и чекори за подигање на ново ниво и воведување нови аспекти од дејноста на СВП како инситуција, пред сè во развојот на публиката, во културната едукација, издавачката дејност…, развојот на Офф-програмата на фестивалот што би донело дополнителна живост и атрактивност и многу други содржини, кои не е возможно да бидат реализирани со буџетот кој сега е предвиден. Ова е голема и комплексна тема, за жал засенета во јавните дисусии околу фестивалот од занимавањето со тривијални нешта, без навистина да се познава неговата структура, активностите и нештата кои го чинат, а кои не се општо познати.

Споменавте дека сепак ќе има нови содржини, што е новина во годинашната програма?

– Да, точно е дека низ годините постојано работевме СВП да ги преобразиме со барањата на актуелниот миг, на она што еден современ поетски фестивал треба да го има, што би придонело тој да биде интересен, да ја врши функцијата на промоција на квалитетни творци, но и да привлече нова публика, читатели итн. Сите овие години се менуваше структурата и имаме нови сцени на други локации каде немало порано: на Канео, големо читање на плоштадот во Охрид, во рамките на „Поезија на пат“ организиравме поетски настани во Ресен, Битола, годинава во Прилеп. Продолживме со сцените во езерото и на други места кои направија да биде навистина разигран, впечатлив, да се отвори кон публиката, за разлика од порано. Но воведовме и многу содржини, како што се поетски портрети, поетското кафе, многу дебати, дискусии, поинаков третман на наградите, на селектираните во потесниот избор, издавачките проекти итн., нешто што го немаше претходно, или барем беше реткост. Тешко е дури и да се набројат сите новитети.

Секој поетски фестивал има нешто што го прави посебен, што му дава да има свој карактер. Тоа е добро и секогаш треба да се чува тој карактер, тој дух на фестивалот. Суштината на СВП е да има и големи настани од типот на свеченото отворање и „Поетски меридијани“, впечатливо затворање со „Мостови“, да го има „Портретот на лауреатот“ во „Св. Софија“, по кои најчесто е познат во пошироката јавност. Но тоа е видливиот дел од сантата. Мноштвото настани кои се важни за книжевната јавност и стручната публика се други и се во другиот дел од фестивалската програма, а ние и нив полека се трудиме да ги доближиме до сите заинтересирани од сите земји во светот.

Колку и да се добри промените, новите воведени содржини, тие по извесно време ја губат својата енергија, својата привлечност како форма да се претстави поезијата, поетите, проектите. Ако сега ја споредите програмата на СВП со сите изминати изданија, ќе видите дека освен овие маркантните настани кои се белези на фестивалот, се друго е ново, променето, или видоизменето. СВП денес е потполно поинаков фестивал од оној кој останал во предрасудите и замислата за него. Понекогаш е полесно да направите нов бренд и да го промовирате, отколку да ги убедите другите дека навистина сте ги промениле работите во познат и со традиција која ограничува. Затоа ние сме во едно состојба на постојана промена, постојана потрага по нови форми. Никакво скаменување не е дозволиво, доколку се стреми да се биде меѓу надобрите.

Кој е Адам Загајевски и зошто токму тој, како го направивте изборот?

– Не знам дали веќе сме зборувале за ова во јавноста, но еве прилика да повториме. Уште пред неколку години, во рамките не преструктуирањето на работењето на инситуцијата беа направени чекори во насока на регулирање на сите работи кои се однесуваат на сегментот на наградите. Тие се многу важен дел и затоа беше потребно да се пропишат сите аспекти, сите нешта поврзани со нив, од начинот како да се жирираат, односно, да се донесат правилни одлуки, до активностите поврзани со истите, прашањето на износите итн. Па така беа донесени и за наградата „Браќа Миладиновци“, но и еден обемен, детален правилник за наградата „Златен венец“. Тој пропишува кој и како предлага кандидати, како треба да изгледаат кандидатурите, како се формира и работи Советот за доделување на наградата „Златен венец“, како се носат одлуките и сите работи кои ги засега наградата во организациска смисла.

Прашавте како е донесена конкретната награда и да биде награден токму Адам Загајевски. Правилникот пропишува најстрога тајност на овој процес, како и на постојаната листа на која се наоѓаат имињата на прифатените кандидати. Она што можам да го кажам е дека Советот е составен од еминентни книжевни имиња, од академици, до истакнати критичари, теоретичари и поети. Впрочем, одлуките во изминатите години да бидат наградени: Хосе Емилио Пачеко, Ко Ун, Беи Дао, Маргарет Атвуд, Чарлс Симиќ и годинава Адам Загајевски, исклучителни светски творци, доволно зборува дека и работата на овој начин придонело да имаме атрактивни творци кои уште повеќе ќе го кренат и реномето на наградата.

Годинашниот лауреат Адам Загајевски несомнено со своето творештво, поетика и остварувања заслужува да биде на оваа исклучителна листа поети, која почнува од 1966 година. Фестивалското издание кое претстои ќе биде привлечно и токму заради тоа што еден таков поет е добитник на ова престижно признание.

Изминатите неколку години соработката со локалната самоуправа не беше на завидно ниво. Годинава има ново раководство, каква соработка имате со новиот градоначалник?

– За жал, и покрај сите обиди да воспоставиме соработка која е од обостран интерес и ќе донесе бенефит во секој поглед за сите, не успеавме со локалната самоуправа да развиеме дијалог преку кој ќе се изнајдат модусите како таа да биде остварена. Имаме нова локална самоуправа и верувам дека доколку се тргне од премисата дека ова е светски книжевен настан, дека Струшките вечери на поезијата и припаѓаат на светската поезија и дека не е адекватно да се вовлекуваат во политички контексти, убеден сум дека ќе имаме плодотворна соработка.

Впрочем, ние во изминатиот проблем се обидувавме и сега се обидуваме да соработуваме со сите градови во Република Македонија. СВП не се локална манифестација, туку национална, која организира настани на целата територија на Република Македонија, но и во странство. Веројатно една од ретките институции која со голема свесност и посветеност работи на суштинска деметрополизација на културата, организирајќи настани во десетина градови. Тоа ќе продолжи и во иднина, зашто само тоа може да придонесе во развојот на нова публика, во поттик на книжевните творци кои творат надвор од главниот град. Затоа и сум уверен дека ќе биде препознаена нашата отвореност во развој на концепти кои ќе овозможат реализација на културни настани преку партнерски односи со локалната самоуправа.

Струшки вечери има богата издавачка дејност. Што ќе биде застапено годинава и кои автори ќе бидат застапени во едицијата „Плејади“?

– Издавачката дејност е еден од најважните сегменти од работењето на СВП. Квалитетот на изданијата, посветеноста со која се подготвуваат и безмерниот труд на бројните преведувачи, лектори, коректори, дизајнери и сите други вклучени во реализацијата на овие капитални проекти заслужува да биде спомената и пофалена. Оваа година ќе биде објавен обемен тријазичен избор на 800 страници од лауреатот на „Златен венец“, книгата на актуелниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2017 година, Михаил Ренџов, на англиски јазик, тријазично издание на книгата на Паули Тапио, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, капиталната Антологија на современата кубанска поезија, како и дел од предвидените книги во престижната едиција „Плејади“, на мексиканскиот поет Едуардо Лизалде, еден од најзначајните поети од хиспаноамериканското подрачје, книгата на белгискиот поет Ги Гофет, добитник на Гонкуровата награда, а се работи и на книгите од поетите кои ќе бидат дел од планираниот Зимски поетки фестивал, мароканскиот поет Албделатив Лааби, италијанскиот поет Валерио Магрели и избор од шпанскиот поет Антонио Гамонеда.

Воедно подготвуваме и нова антологија на една национална поезија. Објавувањето на овој дел ќе зависи од обезбедувањето средства. Се разбира, да споменеме дека дел од нашата издавачка програма се и четирите тријазични избори на поетите кои се дел од книжевната платформа Версополис.

Колку платформата Версополис помага за афирмација на македонските поети и на Струшките вечери на поезијата?

– Токму на последниот ден од минатогодишниот фестивал стигна одлуката дека по успешниот тригодишен период на реализација Поетската платформа Версополис која е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија е единствената платформа која е поддржана во новиот повик за периодот 2018-2021. Тоа е потврда и признание за квалитетот на платформата, на успешноста во работењето и на уникатноста на концептот преку кој ширум европскиот културен простор беше промовирана поезијата на помладите генерации талентиранти творци.

Впрочем, тоа го чувме и во Скопје од устата на извршниот директор на „Креативна Европа“ Карел Бартак минататата година дека Версополис не случајно беше земен за модел-пример за новиот повик. СВП во моментот е единствената институција во Македонија која е вклучена во делот на платформите на „Креативна Европа“. Во следните години, согласно новата апликација, платформата е надградена со многу други содржини, аспекти и активности, кои веруваме ќе придонесат да презентираме врвни европски поети во рамките на СВП, но и македонските поети да бидат дел од фестивалските изданија и издавачките проекти на другите 14 партнери во проектот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...