„Мистична деветка“ – концерт на Филхармонијата со виолинистката Фросина Богданоска

47

„Мистична деветка“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата. Како солист ќе настапи македонската виолинистка со меѓународна кариера Фросина Богданоска, која ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр.1 од Сергеј Прокофјев. На вечерашната коцертна програма е и Деветтата симфонија од Дмитри Шостакович.

Дипломски и постдипломски студии Богданоска завршила на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оценка cum laude, во класата на проф. Љубиша Кировски. Во 2010 добила стипендија и понуда за постдипломски студии на Кралската академија во Лондон, а во 2012 запишала специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Антон Сороков.

До неодамна таа беше член на Симфонискиот оркестар на Австриското радио РСО ОРФ Виена и соработник со Виенскиот симфониски оркестар (Wiener Symphoniker), а сега е член на Каринтискиот оркестар на театарот во Клагенфурт, каде што оваа сезона работи како водач на први виолини. Свири на виолина изработена од нејзиниот татко Светозар Богданоски.

Концертот „Мистична деветка“ ќе го води холандскиот диригент Конрад ван Алфен, уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во моментов е уметнички директор на Московското филхармониско здружение и редовно диригира со оркестрите од Москва во  салата „Чајковски“. Исто така е гостин диригент и со оркестрите во Новосибирск и Санкт Петербург.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...