Мистериозно бегство на 75 затвореници во Парагвај

189

Седумдесет и пет затвореници избегале од затвор во источен Парагвај, во непосредна близина на границата со Бразил, соопштија локалните власти, цитирани од Би-Би-Си.

Има сомнежи дека многу од затворениците биле пуштени од чуварите слободно да минат преку централниот влез на затворот.

Откриен бил и тунел, но властите сметаат дека тој може да им послужил само како покритие за бегството.

Десетици од избеганите затвореници му припаѓале на најголемиот криминален синдикат во Бразил. Овој синдикат од Сао Паоло, што брои приближно 30.000 членови, се занимава со шверц на наркотици и оружје во Бразил, како и во Парагвај, Боливија и Колумбија.

По проверка на целиот затворски комплекс, лоциран во источниот град Педро Хуан Кабалеро, во неделата, полицијата открила дека цело едно крило со членови на бразилската банда е испразнето. Во една од ќелиите се најдени околу 200 вреќи со песок.

Парагвајскиот министер за внатрешни работи Евклид Асеведо изјави дека е јасно дека затворските чувари се замешани во бегството.

-Откривме тунел и сметаме дека бил покритие за ослободувањето на затворениците. Имало соучесници кои работат во затворот – рече Асеведо.

Според него, има информации дека затворениците биле пуштани надвор во помали групи во текот на последните неколку дена и тоа се случувало додека директорот бил на годишен одмор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...