Мирно и со слаб одѕив, заврши протестот во Атина

334

Мирно и со слаб одѕив, заврши протестот во Атина во рамките на денешниот 24-часовен штрајк организиран од Конфедерацијата на грчките работници.

Малиот одѕив од Грците, според организаторите, се должи на фактот што грчкиот главен град, со исклучок на неколку часовната работа на автобусите, е без јавен превоз, а особено бидејќи е затворено метрото кое граѓаните најчесто го користат за да стигнат на протестите.

Дописничката на МИА од Атина разговараше со секретарот на Конфедерацијата на грчки работници, но и со дел од граѓаните. Сите се со идентичен став дека земјата во август се ослободи од меморандумите, но само теоретски излезе од кризата, бидејќи во пракса и во секојдневниот живот нема никакви промени.

– Во пракса, оние кои излегоа од меморандумите се кредиторите, кои престанаа да ни даваат кредити. Грчкиот народ, а особено работниците и понатаму живеат со меморандумите, со мерките за штедење, со кратењата, со отпуштањата – изјави секретарот на Конфедерацијата на грчки работници, Вангелис Мутафис.

Со ист став се и претставниците од Федерацијата на туристички бизниси и Федерацијата на вработените во банките, кои за МИА велат дека не постои позитивна клима по излезот од меморандумите, ниту некакво позитивно влијание во секојдневието.

– Вие гледате некаква промена во општеството? Бидејќи јас не гледам промена, ништо не е сменето – вели Јоргос од Федерацијата на туристички бизниси.

Тој потенцира дека воопшто не е оптимист за иднината на Грција, бидејќи „земјата и натаму е банкротирана“.

– Од август земјата не зависи повеќе од меморандумите, но во суштина договорените мерки се пред нас и во следните години. Многу години ќе влијаат на нашите животи. Според тоа, не постои никаква разлика, напротив, влијанието од договорите од изминатите години, сега ги гледаме пред нас во секојдневниот живот, а грчкиот народ ќе продолжи да ги плаќа – коментира Ставрос Кукос, претседател на Федерацијата на банкарски службеници.

Под слоганот „Штрајкуваме, се бориме, бараме“, Конфедерацијата на грчки работници, меѓу другото, бара минимална плата од 751 евро, колективни договори, работа за сите и целосна социјална помош.

– Денес вработените во приватниот сектор од цела Грција, штрајкуваат и протестираат за вистински колективни преговори, за укинувње со закон на неолибералната перцепција на терминот најниска плата, за зголемување на пензиите, за запирање на мерките за штедење, за да се стави крај на бурата даноци – вели Вангелис Мутафис, секретарот на Конфедерацијата на грчки работници во изјава за МИА

Тој додава дека синдикатите ќе продолжат со нивната борба за подобрување на животот на граѓаните.

– Бараме од Владата, конечно, по три и пол години да ги донесе во вид на закони сите ветувања од јануари 2015, за најниска плата, за преговори за потпишување колетивни договори и веднаш да го повлече законот за пензиите – вели Јоргос од Федерацијата на туристички бизниси.

Грција денес е без железнички и поморски сообраќај. Бродовите се закотвени на пристаништата, поради учеството во штрајкот на грчката поморска федерација, а на повикот на синдикатот позитивно одговорија и од грчката железница.

Сериозни проблеми во сообраќајот во Атина предизвика штрајкот на јавниот превоз. Со исклучок на автобусите кои ќе сообраќаат неколку часа, сите други јавни превозни средства (метро, тролејбуси, трамваи) не функционираат 24 часа.

Вчера, штрајкуваа новинарите, а Грција беше без вести, информативни емисии на радијата и телевизиите и без весници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...