МИОА: Зајакнати капацитетите за сајбер безбедност во соработка со Светска банка

61

Минатата година беше клучна за зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност во Македонија. Во таа насока е и партнерството на Министерството за информатичко општество и администрација на РМ со Светска Банка која во Вашингтон одржа завршен настан со учесниците и поддржувачите на „Глобалната програма за градење на капацитети од областа на сајбер безбедност”, соопшти денеска МИОА.

На завршниот настан се дискутирало за регионалниот пристап и потенцијалните регионални приоритети во земјите од Западен Балкан во областа на сајбер безбедноста и биле презентирани идеи за структурирање на регионалната соработка и начините на нивна имплементација. Особено внимание, според МИОА, е посветено на иницијативата на Република Македонија за основање регионален центар за обуки и истражувања во сајбер безбедноста и е презентиран модел за успешна имплементација на ваков тип на центар во рамки на глобална компанија.

„Од земјите во регионот, Македонија беше издвоена како земја во која е остварена најдобра соработка и комуникација при проценката на капацитетите за зрелост за сајбер безбедност, како и голем процент на приоретизација на препораките од добиениот извештај. Имено, 70 проценти од препораките се вклучени во Националната стратегија за сајбер безбедност, а останатите се дел од Акцискиот план. Исто така, како што беше посочено, Македонија го објави Извештајот за проценка на капацитетите за сајбер безбедност во август 2018, со што покажа транспарентност и спремност за идна соработка во оваа област“, се наведува во соопштението од МИОА.

Македонија е меѓу шесте држави вклучени во овој циклус на „Глобалната програма за градење на капацитети од областа на сајбер безбедност”, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Гана, Киргистан и Мијанмар. Програмата во државава почна во јануари минатата година со проценка на капацитетите на зрелост, како трета земја учесничка во оваа програма во регионот и деветта во Европа. Извештајот од проценката на капацитетите за зрелост обезбеди проценка на националните капацитети за сајбер безбедност, преку проценка на институции како и организации од приватниот сектор и граѓанскиот.

„Остварувајќи значителни придобивки од оваа програма, во краток временски период Македонија реализираше значителен прогрес во полето на зајакнување на националната сајбер безбедност – Владата ги усвои првата национална Стратегија и Акциски План за сајбер безбедност, одржани беа неколку настани за зајакнување на капацитетите од областа на сајбер безбедноста, како и активности за подигнувањее на свеста кај населението. Следни чекори во рамки на зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност се во насока на основање на регионална академија за сајбер безбедност, како и иницијативи за подигнување на свеста за сајбер безбедност и едукативни настани“, информира МИОА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...