Државата ќе ги враќа старите долгови на лозарите ВИДЕО

185

Има решение и за каматите и судските трошоци на лозарите кои побаруваат пари за грозје продадено пред неколку години, истакна денеска пратеникот Панчо Минов, откако претходно министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во Кавадарци соопшти дека државата ќе го исплати стариот долг што го имаат винарници кон лозарите.

– По однос на каматите и судските трошоци, побарувањата на лозарите остануваат пред винариите. Тој проблем нема да биде запоставен и нетретиран. Има решение и за тоа. Има решение и во делот на договорите во кои дваесет проценти мораа да го земаат во пестициди. И тоа го презема државата и тоа се третира како долг. Голема работа се постигна благодарение на соработката меѓу повеќе субјекти. Во буџетот за 2019 година има предвидено средства за оваа работа – нагласи Минов.

Претходно министерот за земјоделство Љупчо Николовски вети дека со брза измени на Законот и одлука државата ќе го исплати долгот кон лозарите за грозје предадено пред неколку години.

– Правна можност постои и со премиерот договоривме во четврток на посебна владина седница, оваа одлука да биде донесена, пред распишувањето на изборите. Веднаш по евиденцијата од страна на Инспекторатот и Платежната агенција, да се исплатат парите кон лозарите од над 1.5 милиони евра – рече министерот.

Градоначалникот  на Кавадарци, Митко Јанчев истакна дека задоволството е огромно, пред се за неколкуте општини од Тиквешијата и градоначалниците, како и за сите јавни институции кои ги застапуваат граѓаните.

– Веќе имаше гнев поради неплатени обврски кон лозарите повеќе од четири години. Добро е што ова сега се реши во така брз период, што за мене претставува гордост. Сите кои учествуваа во овој процес напорно работеа како за свои пари, за да може да се обесштетат лозарите. Добро е кога сите сме задоволни – нагласи Јанчев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...