Министри од Виена со порака: Внимателно со размена на територии!

Сметаме дека тоа може да отвори премногу стари рани кај народот и затоа сме многу скептични, вели германскиот шеф на дипломатијата Хајко Мас.

138

Еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан денеска изјави дека секое решение на Балканот мора да придонесе за поголема стабилност на регионот.

Тој во Виена, пред неформалниот министерски состанок, изјави дека на Западен Балкан има позитивна динамика во решавањето на отворени прашања вклучително и спорот меѓу Србија и Косово.

Хан оцени дека со донесувањето на новата Стратегија за проширување кон Западен Балкан во февруари оваа година отворила позитивна динамика во регионот. Како примери ги наведе решавањето на спорот за името меѓу Грција и Македонија, како и договорот за разграничување меѓу Косово и Црна Гора.

– Постои и нова динамика во решавањето на спорот меѓу Србија и Ксоово – изјави Хан.

Според него, сѐ уште е рано да се зборува за детали.

Претходно Хан на Твитер напиша: „Лидерите на Србија и на Косово треба да најдат решение за двете држави. Напредок постои, но сѐ уште е рано да се зборува за детали. Јасно е дека секое решение мора да придонесе за мирот и стабилноста во Западен Балкан“.

Министерот за надворешни работи на Финска Тимо Соини смета дека прашањето за можна размена на територии меѓу Србија и Косово може да биде ризично доколку добро не се анализира.

– Прашањето е комплицирано. Воената историја е тешка и мора да бидеме внимателни да не направиме нови проблеми – вели Соини, пренесе Танјуг.

Шефот на финската дипломатија, пред состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ и државите кандидати за членство што се одржува во Виена, порача дека е добро што претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи разговараат за решение за косовскиот проблем.

– Тоа е позитивно, но за прашањето за размена на територии во моментов не можам да заземам став. Тоа може да биде ризично доколку добро не се анализира- дополни Соини.

Германскиот шеф на дипломатијата Хајко Мас, кој ќе присуствува на неформалниот состанок на Советот на ЕУ во Виена, изјави дека е многу скептичен кога станува збор за размената на територии.

– Сметаме дека тоа може да отвори премногу стари рани кај народот и затоа сме многу скептични-вели Мас.

На можни „многу негативни консеквенции“ од идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово предупреди и шефот на дипломатијата на Луксембург, Жан Аселборн.

– Во принцип не сум за размена на територии. Тоа може да има многу многу негативни последици за другите држави во тој регион – изјави Аселборн.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...