Министре Димитров, направете потег, бидете ни пример за европско поведение!

Јас сум сигурен дека Вашата ќерка, господине Димитров, заслужува поддршка за студирањето, заслужува стипендија. Сите наши умни и успешни деца заслужуваат државата Република Македонија да ги поддржи. Но, Вашата ќерка, министре, сепак не би смеела да добие државна стипендија за студиите во Холандија. Да бидам прецизен – не од државата Република Македонија!

12515

Господине Никола Димитров,

Многу се радувам што во текот на овој празничен викенд Македонија ќе ја посетат германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот австриски колега Себастијан Курц и што и Вие бездруго ќе бидете меѓу македонските државни раководители што ќе ги пречекаат високите гости. Вие, како шеф на нашата дипломатија и еден од архитектите на договорот од Преспа, заслужувате благодарност и високи почести, бидејќи со овој договор, кој ги чува атрибутите на македонскиот национален идентитет, се отстранува најголемата пречка на нашиот пат кон обединета Европа.

Како што веќе знаете, јавноста Ве смета за еден од најдобрите, најплодните и најуспешните министри во владата на Зоран Заев. Со право. И јас го делам тоа мислење, а сум имал прилика да го споделам и со колеги странски новинари и со странски дипломати. Многумина се воодушевени од Вас. Вие несомнено заслужувате пофалби, бидејќи во процесот на придружување на Македонија кон НАТО и ЕУ, токму во најделикатната фаза, го употребивте и личниот авторитет и како и другарот Заев и другарката Радмила Шеќеринска, вложивте и ризикувавте многу. Македонија тоа не може и не смее да го заборави.

Круша под круша паѓа…

Можеби го знаете и тоа дека лично ги познавам и Вашите родители, со кои во минатото, од професионални причини, сум се среќавал во повеќе наврати и сум имал исклучително пријатна комуникација. Знаете како вели нашиот народ – круша под круша паѓа. Вашата ќерка Јана Димитрова, пак, чие име сега се спомнува во дел од медиумите, не ја познавам, но ако важи народната мудрост, воопшто не се сомневам дека станува збор за интелигентна, умна и исклучително талентирана девојка. Ѝ посакувам голем успех на студиите на Универзитетот во Утрехт, Холандија. Ѝ посакувам да ги надмине успесите на членовите на нејзиното семејство.

Со еден збор, драг министре, Вие и Вашето семејство, сте дел од нашата успешна македонска приказна. Барем јас така Ве доживувам. И токму затоа силно ме вознемири написот објавен во еден интернет медиум (потоа споделен од повеќе медиуми), во кој се вели дека Вашата ќерка Јана добила државна стипендија во износ од 40.000 долари, која треба да ѝ помогне успешно да ги заврши студиите. Патем речено, во написот пишува дека Вие, односно Вашето семејство, поседува комфорен стан во Холандија, на 40 минути возење со воз до Универзитетот во Утрехт. Освен тоа, ако добро сфатив, дел од Вашето семејство и живее во Холандија, што, ако е вистина, е мошне среќна околност, бидејќи Вашата ќерка ќе студира практично дома, опкружена со свои луѓе.

Овој текст го пишувам додека моите колеги бараат официјални одговори за доделената стипендија, но еве, верувајте ми на зборот, јас уште сега (четврток, 12 часот и 6 минути), ја „ковертирам“ својата претпоставка дека од законски аспект, нема ништо спорно во постапката на доделувањето на стипендијата. Сакам да кажам, искрено верувам дека постапката е изведена на начин што не остава сомнеж дека било кој ги прекршил законите. Освен тоа, јас сум сигурен дека Вашата ќерка заслужува поддршка за студирањето, заслужува стипендија. Сите наши умни и успешни деца, кои студираат на престижните универзитети во странство, па и на помалку престижните, заслужуваат државата Република Македонија да ги поддржи.

Конфликт на интереси

Но, Вашата ќерка, господине Димитров, сепак не би смеела да добие државна стипендија за студиите во Холандија! Да бидам прецизен – не од државата Република Македонија!

Знам дека многу ќе се налутите поради тоа што ова Ви го кажувам директно и јавно. Секој е чувствителен кога е во прашање неговото дете. И јас сум таков. Но, во случајов, сепак, не станува збор за Вашето дете, туку за Вас, министре. И за приниципите. Вие сте државен службеник, платен од народот. Вие сте еден од нашите најважни – и пак да повторам, најуспешни! – министри, па затоа се претпоставува дека при доделувањето на стипендијата Вашата ќерка можеби била во привилегирана позиција. Немојте да ме разберете погрешно: јас сум апсолутно сигурен дека Јана Димитрова не само што не била привилегирана, туку и не можела да биде. Но, клучна е претпоставката, важна е перцепцијата. А таа вели дека во случајов, Вие сте во конфликт на интереси.

Зошто Ви е потребно тоа, драг министре?

Еве, додека го пишувам текстот, баш во овој момент (четврток, 12 часот и 21 минута), веќе ми е проследен одговорот од Министерството за образование и наука, во кој се вели дека неколку години наназад ресорот доделува стипендии за македонски граѓани кои аплицираат и ќе успеат да се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на некој од најдобрите 100 светски универзитети согласно Шангајската ранг листа. Секој кој ги исполнува условите има право на овој тип на стипендија и досега правото го искористиле повеќе од 200 апликанти. Вашата ќерка поименично не се спомнува, но се заклучува дека универзитетот на кој студира таа е на Шангајската листа, дека и таа аплицирала и законски добила стипендија.

Сето тоа е во ред и ја потврдува мојата претпоставка дека законот не е повреден. Би било страшно да е поинаку. Но, јас сепак инсистирам на етичкиот аспект – Вие, министре Димитров, како државен службеник, како и членовите на Вашето семејство, немате право на било какви дополнителни буџетски приходи и социјални трансфери. Просто не можам да замислам некој холандски министер да постапи на начинот како што сте постапиле Вие. Моето мислење е дека сепак сте имале обврска да соберете морална сила во себе и свои лични пари, па да донесете одлука да не го искористите законското право Вашата ќерка да аплицира за спомнатата стипендија. Дотолку повеќе што Вие сте во прилично покомотна ситуација од родителите на други деца кои студираат и во Холандија и во други европски земји.

Непотребно петно

Господине Никола Димитров,

Минатата сабота, токму на ова место, напишав: „Прекрасно би било сите, а најмногу луѓето на кои им ја доверивме власта, токму во овие предреферендумски денови, со своето однесување дома, првенствено со водење одговорни и реформски политики, а не со популизам и поведение кое потсетува на режимот што го урнавме, да покажеме какви ќе бидеме утре во Брисел, кога ќе бидеме земја полноправна членка на НАТО и на ЕУ“.

Затоа, лично Ве замолувам токму Вие да ни бидете пример за такво, европско поведение. Па кој друг ако не Вие? Па Вие сте Европеец во секоја смисла на зборот – по служба, по дружба, ете делумно и по имот. Но, Вас сепак ве плаќаат македонските даночни обврзници и затоа мора да покажете малку повеќе сенс за состојбата во која се наоѓа нашата земја. Сигурно знаете дека има деца во Македонија кои се исто толку умни и талентирани колку и Вашата Јана (можеби и поталентирани), но ете, животот не им пружа такви можности. Немаат сите деца успешни и посветени татковци каков што сте Вие.

Тоа не значи дека Вие сега треба да се чувствувате лошо поради тоа. Напротив, треба да се гордеете. Но, државната служба мора да Ве мотивира повеќе да размислувате за фактот дека во ова скудно време треба прво да им се помогне на тие што имаат поголема мака. А Вие – еве, ќе речам „ние“, и јас ќе се вбројам меѓу тие што треба да демонстрираат таква емпатија – треба да ја поштедиме буџетската каса од дополнителни трошоци, дури и ако имаме законско право да пружиме рака и да си го земеме „своето“.

Јас мислам дека тоа би било баш европско однесување, драг министре! Нели?

И велам јасно дека државната плата што ја добивате е сосема доволен прилог на државата Република Македонија за Вас и за Вашето потесно семејство. Ни денар повеќе! Затоа, би сакал некако да ја исправите оваа непријатна ситуација. Сигурен сум дека Вие во себе ќе најдете сила за такво нешто, а и законски можности. Оставам на Вас и на Вашата совест, да постапите така како што мислите дека е исправно. Во Ваш личен интерес (како наш „коњак министер“), но пред сѐ во интерес на Вашата ќерка, на која не ѝ е потребно едно вакво петно во нејзината биографија. Биографија која секој ден, уверен сум во тоа, ќе станува сѐ побогата и поимпресивна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...