Министерство за култура: Транспарентно работиме со Синдикатот на нивните барања

133

Реагирајќи на барањата на Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ), Министерството за култура соопшти дека активно и засилено работи на текстот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и на колективниот договор што ќе произлезе од тој закон.

Во допис до медиумите  Министерството посочува дека работи транспарентно на новата норматива повеќе од една година со јавни дебати и со вклученост на сите чинители во културата, вклучувајќи претставници од СКРМ во работните тела за изработка на законот и на колективниот договор за култура. Релевантни фактори, како што наведува, меѓу кои беа и репрезентативните синдикати од областа на културата, учествувале и во неодамнешниот процес на нивелација на платите.

Во оваа смисла, а во врска со соопштението на Синдикатот на културни работници на Македонија (СКРМ) во кое се бара ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и потпишување на колективен договор до 30 септември 2019 година, Министерството за култура информира дека ги почитува барањата од културната јавност и од СКРМ и дека во заедничка спрега со институционалната култура, со граѓанските здруженија и поединци од областа на културата како и со репрезентативните синдикати во културата посветено работи за донесување правна рамка и колективен договор со коишто ќе се решат покрај другите отворени прашања како финансирањето на јавниот интерес во културата, така и негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата, пишува во соопштението.

Министерството за култура посочува и дека за него е прифатлив побараниот рок од СКРМ за потпишување на колективен договор до 30 септември 2019 година со почеток на спроведување од 1 јануари 2020 година.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...