Министерството за труд ги повика работодавачите да исплатат К-15

МТСП ги повикува и работниците, неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот иснпекторат за труд 15 131.

146

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги повикува компаниите да ги почитуваат обрските утврдени со Закон и со Колективен договор меѓу кои е и исплатата на К-15 до крајот на годината.

Исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), како што соопшти МТСП, е право што е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

Од Министерството потсетуваат дека Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор.

МТСП ги повикува и работниците, неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот иснпекторат за труд 15 131.

Оттаму напоменуваат дека во случаите каде што ќе се утврди дека не е постапено согласно со Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно Закон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...