Владата денеска соопшти дека целосно ја разбира сензитивноста во текстилниот кластер и дека ќе продолжи да им помага на работодавачите да ја поддржат спиралата на покачувањето на платите.
Во интерес на изнаоѓање решение кое ќе биде во корист на работниците и на работодавачите, најавува дека ќе оформи министерска група која заедно со текстилниот кластер ќе ги разгледа отворените прашања.
– Веруваме дека ќе дојдеме до решенија. Владата и до сега покажа дека е подготвена да излегува во пресрет на барањата на работниците и работодавците во текстилната индустрија преку покачувањето на минималната плата и преку овозможувањето на активните мерки за директна помош и поддршка за компаниите со цел да се обезбедат повисоки плати. Една од тие мерки е и проектот за поддршка на порастот на платите во трудоинтензивните дејности, во износ од 30 отсто од порастот за оние работодавачи кои ги покачиле платите до 18.000 денари, стои во соопштението.