Министерот за култура Хусни Исмаили денеска го посети Филмскиот центар „Вардар филм“-Скопје и имаше средба со директорот Насер Цури на која разговараа за функцијата и активностите на институцијата, нејзиното тековно работење и давање техничко-технолошка поддршка на филмските продукции во земјата.
Како што соопшти Министерството за култура, директорот Цури го информирал министерот Исмаили дека објектот во кој е сместен „Вардар филм“ последен пат е реновиран во 1978 година и дека е потребно негово зајакнување и архитектонска интервенција во деловните простории.
На средбата беше разговарано за финансиската поддршка што НУ „Вардар филм“-Скопје ја бара од Министерството за култура во насока на осовременување на техничките услови за сервисите што треба да ги испорачува, особено за потребите во делот на тонското студио и киносалата, соопшти Министерството за култура.