Преговорите меѓу работодавачите синдикатот и Владата за новото покачување на минималната плата сѐ уште трае, потврди денеска и министрката за труд и социјална политика Мила Царовска.Таа меѓутоа не ја потврди висината на минималната плата што ја најави министерот за економија Крешник Бектеши од 15.500 денари.
– Кога ќе има конечен став и која ќе биде сумата, ќе ја известиме јавноста. Да не калкулираме со суми додека тоа не биде јасно дефинирано – рече Царовска.
И работодавачите и синдикатот тврдат дека сѐ уште не е договорена висината на минималната иако и едните и другите веќе калкулираат со одредени износи.
Од Организацијата на работодавачи велат дека треба да се почека првин да се види какви ќе бидат резултатите од мерката за субвенционирање на зголемувањето на платите.
– Преговорите за минималната плата траат. Ние инсистиравме прво да се донесе законот за субвенционирање на платите да го видиме ефкетот од тоа па дури потоа да се размислува на зголемување на минималната плата. Сметам дека со мерката за субвенционирање на зголемување на платите ќе се подобри и минималната плата – вели претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.
Работодавачите се на став и дека порастот на минималната плата треба да е природен процес кој е резултат на продуктивноста, а не наложено решение. Нив ги загрижува што истовремено со преговорите за минималната плата се реализира и субвенционирањето на зголемувањето на сите плати.
– Компаниите најмногу стравуваат дека новата мрека може да се претвори во оправдување за паралелно зголемување на минималната плата, за што и од нас и од меѓународните финансиски институции има реакции дека ако се вештачки наметнати може да донесат далекусежни последици – велат од ССК.
Синдикатот, пак, смета дека зголемување на минималната плата треба да има како што тоа веќе е договорно при донесувањето на Законот за минимална плата. За висината се на мислење оти треба да биде во висина од најмалку 12 отсто од износот на сегашната (12.507) или околу 1.000 денари.
Тие се повикуваат на европските препораки и тенденции за минималната плата кои одат во насока минималната плата да изнесува 60 отсто од просечната плата во државата.
Последната информација за просечната нето плата е за месец јуни изнесуваше 25 205 денари, а ако се следи европската практика минималната плата треба да изнесува 15.123 денари.