На 54. Македонски театарски фестивал видов богат, сериозен македонски театар, ни изјави театарскиот критичар од Србија Александар Милосављевиќ кој на покана на фестивалот целосно ја следеше програмата и театарските претстави на македонските ансамбли. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ вечер со доделувањето на наградите и со претсавата во чест на наградените ќе го заврши 54-то издание на фестивалот кој траеше од 7 до 15 јуни.
Според театарскиот критичар Милосављевиќ посебно задоволство е што имал можност првпат во континуитет да ја следи продукцијата на македонските театри.
– На Фестивалот, по подолго време, имав прилика во континуитет да гледам претстави на Македонскиот театар. Имав прилика и да учествувам во овие разговори на тркалезната маса, а никој не барал од мене да говорам, па приликата ја доживеав како некој кој доаѓа одстрана и не е вовлечен во инфраструктурата на театарскиот живот, со привилегија на растоварен да ги гледам сите претстави. Ги видов осумте претстави и имам впечаток дека уметничката директорка сакала да ја покаже таа слоевитост и разноликотста на претставите кои го сочинуваат корпусот на Македонскиот театар во овој момент. Не навлегувам во тоа дали се одбрани најдобрите или некоја подобра изостанала од Фестивалот, но видов и големи сценски спектакли, видов и камерни претстави, видов политички театар во буквалната смисла на зборот, но и политички театар завиен со сериозна естетика и со сериозен режисерско-драматуршки пристап. Видов широк дијапазон на актерски и режисерски остварувања, резултат на студиозна театарска работа, видов сериозна игра на ансамбл, што и да значи тоа, видов како актерите „дишат“ едни со други – рече тој.
Тој додаде дека од сето тоа видел сериозен богат театар и упати честитки, нагалсувајќи дека како и во регионот, и во земјава театарот се соочува со беспарицата, но тоа не е причина да се доведе во прашање театарската уметност.
Фестивалот „Војдан Чернодрински“ по 20-ина години ги врати разговорите на тркалезната маса на критиката и на публиката што беше поздравено, а првпат годинава ќе се додели награда од публиката која гласаше за претставите.
Фестивалот го следеа театарски критичари и од Љубљана, Словенија и од Ниш и Белград, Србија.