Родено со само 700-тини грама во средината на петтиот месец од бременоста на неговата мајка. Ова бебе сега има 2 килограма, и тоа силно и храбро ги помина сите премрежја заедно со сестрите и докторите од интензивната нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
– Тримесечното бебе во историјата на предвремно родените бебиња ќе биде запишано како првото преживеано новороденче, дојдено на свет во 23 недела – вели педијатар Лилјана Којиќ од Клиниката за гинекологија.
Од почетокот на оваа недела момчето не е веќе во инкубатор, дише самостојно, редовно се храни, а веќе е научен и на прегратки. На клиниката е 100 дена. Името ќе го добие дома, а тука го нарекуваат „миленикот“.
Миленкот на скопска гинекологија за неколку дена ќе ја напушти болницата. За тимот на оваа клиника најголема среќа е да дојде нивниот миленик да ги посети, но како гостин.