За време на концертот на Националниот стадион во полскиот главен град Варшава, одржан вчера, легендарниот пејач на Ролинг стоунс, Мик Џегер, повикан од поранешниот претседател на Полска, Лех Валенса, го кажа своето мислење за судските реформи.
Претходно, Валенса го повика да „ја поддржи борбата на Полјаците за заштита на слободата”.
– Стар сум за да бидам судија, но доволно сум млад, за да пеам – рече 74-годишниот Џегер на полски јазик, продолжувајќи на англиски:
– Знаете дека дојдовме во Полска одамна, во 1967 година, припомнувајќи дека тоа беше првиот концерт на легендарната рок-група во Полска, и еден од првите на бенд од западот зад Железната завеса.
– Се надевам дека ќе се придржувате кон се она што сте го научиле оттогаш. Бог да Ве благослови! – додаде тој.
Веќе една седмица Полска е зафатена од криза поврзана со Врховниот суд. Имено, претседателката Малгожата Герсдорф одби да ја напушти својата функција, откако претседателот Анджеј Дуда испрати писмо до неа, во кое и порача дека е време да оди в пензија.
Конзервативната партија Право и правда ги објаснува реформите како неопходни за да се подобри ефикасноста на судовите во случаите со корупција на судството.
ФОТО: Твитер