Патот од Мати до Рафина е тесен, помеѓу куќи и дворови, иако официјално се вика булевар. Поминува низ населбата Кокино Лиманаки, покрај „плацот на смртта“. Тоа е улицата на која имаше најмалку 30 изгорени автомобили, а нејасно е уште колку од жртвите животот го загубиле токму на овој „булевар“. Еден од преживеаните за МИА минатата седмица раскажа дека ја загубил сопругата додека излегувале од автомобилот и се обидувале да се спасат од огнените јазици.
Рафина е на оддалеченост од нешто помалку од четири километри и е едно од трите пристаништа преку кои Атина се поврзува со островите. Таму е главната точка за собирање хуманитарна помош.
Во Рафина сликата е „враќање во цивилизација“. Таму животот си тече нормално, но по улиците зголемена е фреквенцијата на автомобили, комбиња и млади момчиња кои пренесуваат пакети со храна, облека, вода.
Во зградата на општина Рафина е координативното тело за хуманитарната помош. Во моментите кога МИА го посети објектот, во тек беше доставата на готова храна, односно ручек за граѓаните погодени од пожарите.
Како што објаснува, во разговор со дописничката на МИА од Атина, заменикот градоначалник на Рафина, Савас Арапкилис, кај нив се носат сите производи, целата хуманитарна помош, која подоцна се пренесува до пунктовите и се врши регистрација.
– Овде доаѓаат сите работи од сите оние кои што сакаат да помогнат. Од тука се врши достава и на храна и на работите кои што ги бараат, но и зготвеното јадење што се носи до погодените од пожарот. Работите од тука, се носат до конкретни магацини, се регистрираат, за да знаеме што носат и создаваме групи кои работат на достава. Одат на конкретни места, земаат работи и ги доставуваат до конкретни домови или до групи волонтери кои помагаат во погодените подрачја. Ова е процесот – објаснува заменикот градоначалник и вели дека во овој момент имаат доволно продукти и храна.
Еден од петте пунктови за хуманитарна помош на општината е во спортската сала во Рафина. Таму се собира облека. Десетици, ако не и стотици млади на возраст од 15 до 20 години, со кутии и кеси влегуваат и излегуваат од салата. Сите се волонтери, дојдени да помогнат. Тие ја селектираат облеката и ја складираат во кутии. Панталони за момчиња од 4-6 години, облека за бебиња, машки капи, фустанчиња за девојчиња од 8-10 години, зимски јакни, се само мал дел на натписите на кутиите.
Кутиите имаат и порака до настраданите. На некои пишува „Не сте сами“, на други „Сила и кураж“.
На влезот од салата е претседателот на општинската организација за култура и спорт, Спирос Лукатос, кој има улога на координатор и не го крие задоволството, но и неговото изненадување за брзата и големата реакција на граѓаните.
– Немам зборови да го објаснам ова што се случува. Има премногу големо учество, особено на млади. Ни носат различни работи. Од игла до генератори, до работи кои се и по малку смешни. На пример, ни донесоа и пегла за коса, нешто што практично и не е неопходно, но некој помислил дека и тоа може да биде корисно – вели Лукатос во разговор со дописничката на МИА од Атина и објаснува дека постојат два начина на кои се донира помошта – или граѓаните доаѓаат и земаат што им е потребно, или тие, во координација со општината им носат во нивните домови.
Постојат и граѓани на кои им е срам да дојдат тука, затоа тие ги посетуваат, а во првите денови, мобилни екипи делеле вода и храна во погодените населби.
Меѓу волонтерите се и 3 девојчиња, другарки кои летниот распуст оваа година го поминуваат поинаку.
– Тука имаме викендичка, бидејќи сум на распуст, дојдов во Рафина. Кога се случи катастрофата, отидов во Мати и ги видов семејствата кои немаа облека, немаа да јадат, нема вода, ги немаа неопходните работи и навистина многу ми беше жал. Дознав дека тука, во спортската сала има хуманитарна акција и дојдов да помогнам – вели 15-годишната Константина.
Пред еден од пунктовите за помош, пристигнува автомобил со брачен пар. Веднаш притрчуваат волонтерите да помогнат.
– Господине, од што имате потреба?, прашуваат двете млади момчиња.
– Немаме кров над глава, еве сопругата ќе дојде со вас – одговара средовечниот Грк.
Неговата сопруга влегува во пунктот, додека тој со видлива тага и болка на неговото лице, ја чека во автомобилот.
Мобилни пунктови за медицинска помош и психолошка поддршка
Пред општинската зграда е поставено комбе од невладината организација „Доктори од светот“, што е само еден од нивните мобилни пунктови за прва помош. Преврзуваат рани, даваат лекови и совети, ги информираат граѓаните каде може да се упатат за лекарска помош, но и психолошка поддршка.
– Имаме една мобилна единица, која оди од врата на врата во погодените домови, прашуваат каква помош им е потребна и ги упатуваме или до Центарот за здравје или до некоја мобилна единица, како што сме ние. Преврзуваме рани, им даваме лекови и ги известуваме каде може да добијат дополнителна медицинска помош – објаснува за МИА, педијатарот, Михаилиду Александра.
Таа вели дека е голем бројот на граѓани кои побарале и психолошка помош, а „Доктори од светот“ имаат посебен оддел со психолози кои помагаат.
Една друга димензија на големата трагедија по катастрофалните пожари се животните. Веќе од следниот ден, организации и здруженија за заштита на животни со помош на волонтери ги пребаруваа изгорените куќи и имоти.
Во четвртото продолжение на репортажата на МИА, утре читајте како одеше спасувањето на животните, што се случи со кучето од фотографијата што го обиколи светот и кое стана симбол на пожарите.
Сања Ристовска
МИА Фото
(продолжува)