МЗШВ: Нема да замрзнат земјоделските култури

162

Досегашните минимални температури забележани во државата нема да предизвикаат штети врз земјоделските култури, а моменталните ниски температури не се невообичаени за овој период  и многу често  ги имало во овој период од годината, порачуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

– Временските услови се вообичаени, исто така и температурите, така што засега не треба да има загриженост за штети врз земјоделските култури. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Управата за хидрометеоролошки работи ќе ја следат состојбата со ниските температури и нивното влијание врз земјоделските култури и доколку се случат евентуални штети навреме ќе се реагира со соодветни мерки – посочуваат од МЗШВ.

Од Управата за хидрометеоролошки работи, пак, информираат дека овошките во овој период од зимата издржуваат до минус 28 степени, додека виновата лоза до минус 18 или минус 20 степени, а такви температури, според МЗШВ, не се забележани досега во регионите каде што се најзастапени овие култури.

– Со оглед на фактот дека режењето на виновата лоза не е изведено, доколку се случи понатамошен пад на температурите, евентуалните измрзнати ластари во наредниот период би се корегирале со самото кроење. Опасноста кај овошките е уште помала заради поголемата издржливост – велат од МЗШВ.

Во наредниот  период, додаваат, се очекуваат ниски минимални температури во границите до минус 20 степени, што сепак не се невообичаени, а тука треба да се има и во предвид податокот дека во изминатите неколку дена имавме вакви или слични температури, што дополнително ги подготвија  овошките и виновата лоза за пониски минимални температури.

Во однос на житните култури, снежната покривка изврши целосна заштита врз нив и нема да предизвика штети, бидејќи нивната издржливост во вакви зимски услови е поголема.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...