Британската премиерка, Тереза Меј, се подготвува денеска во Брисел да побара помош од европските челници за „подобар“ Договор за Брегзит, по бунтот на повеќе од третина нејзини конзервативци, кои со гласањето за недоверба, не успеаја да ја отстранат, но успеаја да ја ослабнат.
Меј вчера „преживеа“ благодарение на гласовите од 200 конзервативци, наспроти 117 пратеници кои сакаат да ѝ го видат грбот и тој резултат е далеку од цврста поддршка, потребна додека се подготвува на Самитот во Брисел да побара подобри услови за Договорот за Брегзит.
ЕУ во овој момент не е подготвена на Меј да и понуди повеќе, бидејќи лидерите во Унијата наведуваат само подготвеност да разгледаат некои други гаранции.
Во обраќањето во средата, Меј во седштето на Владата рече дека ќе ги слуша оние кои гласаа против неа и ќе побара законски гаранции за најконтроверзниот дел од договорот – како да се избегне тврда граница меѓу Ирска, членка на ЕУ и британската покраина Северна Ирска.
– Голем број колеги гласаа против мене, и слушнав што имаа да кажат. Сега мораме да продолжиме со работата и да му го испорачаме Брегзит на британскиот народ – рече синоќа Меј.
Европската унија не е подготвена за нови преговори за преговараниот договор, но се подготвени за разгледување можни нови дополнителни гаранциии. Станува збор за најтешко прашање на патот за ратификација на договорот во британскиот Парламент бидејќи тој заштитен механизам така наречен „бекстоп“(backstop) предвидува ЕУ и Британија да бидат „единствена цариснка територија“ по истекот на преодниот рок, во случај до тогаш да не се најде договор за слободна трговија.
„Бекстоп “ е вметнат во Договорот за да се спречи повторно воведување физичка граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска што може да го загрози мировниот процес во Северна Ирска. Тој е замислен само како „решение за секој случај“.
За заговорниците на „тврд Брегзит“ тоа е најголем камен на сопнување, бидејќи во тој случај на Велика Британија и остануваат врзани рацете за прашањето за склучување Договор за слободна трговија со трети држави, а всушност тоа е еден од главните аргументи во референдумската кампања за напуштање на ЕУ.
Со новиот нацрт челниците на 27 држави ќе порачаат дека заштитниот механизам во врска со границата на ирскиот остров не е пожелен исход и дека единствена цел е да се биде еден вид осигурувач додека нема нов договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Британија.
Лондон бара имено, траењето на „бекстоп“ да се ограничи на три години, но во нацрт заклучоците не се споменува никаков рок. Многумина во партијата на Меј стравуваат дека таа ситуација ќе трае неограничено. Тешко е да се очекува дека ЕУ ќе се согласи на каков било рок бидејќи тоа би било противречно и на заштитниот механизам. Дури и ако „бекстоп“ биде активиран „тој би се применувал само привремено, додека не се обезбеди нов договор“ пишува во нацрт заклучоците.
Во ЕУ истакнуваат дека какви било „гаранции“ што може да и помогнат на Меј да го протурка договорот во Парламентиот не смеат да се менуваат или да бидат противречни на самиот договор.
Во понеделникот Меј го откажа гласањето во Парламентот за договорот со Брисел по две години преговори. Како нов датум е најавен 21. јануари до кога премиерката треба да ги реши несогласувања поврзани со договорот за брегзит и да добие од ЕУ потребни гаранции.
Рокот за напуштање на ЕУ е 29. март, но противниците во Парламентот оддеднаш отворија можност за поинаков исход – заминување без каков било договор, така наречен хаотичен излез или дури и нов референдум за членство во ЕУ.
Брегзит е најважна британска политичка и економска одлука по Втората светска војна. Конечниот исход ќе ја одреди насоката на британската економија вредна 2,8 билиони дали ќе има далекусежни последици на единството во Обдинетото Кралство и ќе одреди дали Лондон сака да го задржи своето место како едно од двете водечки светски финансиски центри.