Меј: ЕУ сака Брегзит со договор

122
ФОТО: EPA / ANDY RAIN

Лидерите на Европската унија сакаат Велика Британија да го напушти блокот со постигнат договор, изјави денеска британската премиерка Тереза Меј на крајот на посетата на Брисел, каде имаше средби со првите луѓе на институциите на Унијата.

– Тоа што го видов и слушнав од лидерите е дека сакаат да работиме заедно со цел Велика Британија да ја напушти Европската унија со договор – изјави Меј.

Таа нагласи дека работите нема да се одвиваат лесно, но дека сепак со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер се договориле да започнат разговори и да изнајдат начини „за надминување на пречките“, со цел да се обезбеди поддршка за Договорот за Брегзит во британскиот Парламент.

– Јасно е дека ќе го спроведам Брегзитот. Ќе го спроведам на време. Тоа е она што можам да го сторам за британската јавност. Во следните денови посветено ќе преговарам да го сторам тоа – порача Меј.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск по средбата со Меј изјави дека посетата на британската премиерка „не довела до пресвртница“, но дека разговорите меѓу ЕУ и Велика Британија ќе продолжат.

– На повидок нема пресвртница. Разговорите ќе продолжат – истакна Туск.

На средбата со Јункер, претседателот на Еврокомисијата на Меј и го повторил ставот дека ЕУ нема да прифати „повторно отворање“ на Договорот за Брегзит, но дополни дека се можни промени во анексот, што е во форма на политичка декларација.

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, пак по средбата со Меј нагласи дека евентуалното истапување на Велика Британија од ЕУ без договор би имало катастрофални последици.

Меј денеска престојуваше во Брисел во обид да издејствува промени во Договорот за Брегзит во делот кој се однесува на границата меѓу Република Ирска и британската покраина Северна Ирска. Со сегашните одредби од Договорот предвидено е „ирската граница“ да остане отворена како што е и сега и за време на преодниот период по Брегзит, предвиден за 29 март.

Противниците на ваквото решение во Лондон, пред се од редовите на Конзервативната партија на премиерката Меј, сметаат дека таа одредба би можела Велика Британија „да ја задржи предолго врзана за ЕУ, па дури и бесконечно“.

Лидерите на ЕУ уште претходно ја отфрлија можноста за нови преговори, нагласувајќи дека договорената одредба за „ирската граница“ е „единственото можно решение“ и „балансиран компромис, што претставува добро решение за граѓаните и бизнисите на двете страни“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...