Меј до пратениците: Гласајте за Договорот или можно е да нема Брегзит

106
ФОТО: EPA / ANDY RAIN

Британската премиерка Тереза Меј вечерва ги повика пратениците во Долниот дом на Парламентот во Лондон да гласаат за Договорот за Брегзит што нејзината Влада го постигна со Брисел, нагласувајќи дека во спротивно можно е Велика Британија да остане во ЕУ.

Во обраќањето пред Парламентот во пресрет на вечерашното гласање за Договорот, Меј побара пратениците „да ја стават демократијата пред партиските поделби или личните амбиции“.

Ваквиот апел на Меј доаѓа во услови кога се очекува дел од евроскептиците во редовите на нејзината Конзервативна партија да гласаат против Догвоорот и откако лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин најави дека неговата партија не го поддржува договорениот текст за Брегзит.

– Работата е јасна… Оние кои сакаат да дојде до Брегзит, мислам дека треба да знаат дека ако вечерва не го усвоиме овој Договор, ризикуваме Брегзитот воопшто да не се случи – истакна Меј.

Главен спорна точка во Договорот за дел од британските пратеници е одредбата за „ирската граница“, која предвидува статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист каков што е сега и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година, во кој треба да се најде конечно решение, односно таканаречениот „бекстоп“.

Бекстопот е заштитна мерка за „ирската граница“ преку која треба да се избегне враќање на тврдата граница на ирскиот остров. Со оглед на тоа дека ЕУ и Велика Британија не можат да преговараат за идното трговско партнерство додека не се усвои Договорот за британското истапување од ЕУ, двете страни се договорија да воведат „бекстоп“, кој може да биде активиран доколку двете страни во иднина не се договорат за трговските односи. Целта на овој механизам е да се заштити заедничкиот пазар на ЕУ и царинската унија, без притоа да мора да се воведе физичка граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска.

Тврдокорните приврзаници на Брегзитот, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време“.

Во пресрет на денешното гласање, Меј синоќа во разговор со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер успеа да обезбеди „правно обврзувачки“ промени во Договор за Брегзит, кои предвидуваат заштитен механизам за „ирската граница“.

Под притисок на членови на нејзината Влада, Меј се согласи во случај Парламентот по вторпат да го отфрли Договорот, пратениците утре да се изјаснат за можноста за Брегзит без договор, а доколку го одбијат и тоа, в четврток да гласаат за евентално одлагање на британското напуштање на Унијата, предвидено за 29 март.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...