Британската премиерка Тереза Меј доби уште две недели за преговори со ЕУ за Брегзит и шанса да се одложи напуштањето на Европската унија, откако пратениците во Вестминстер ја поддржа нејзината нова стратегија со која се предвидува Парламентот да може да решава за одлагање на истапувањето на Велика Британија од Унијата.
Долниот дом на британскиот Парламент со 502 гласа „за“ и 20 „против“ го поддржа амандманот со кој Меј ќе може да предложи уште еднаш гласање во Парламентот за Договорот за напуштање на ЕУ најдоцна до 12 март.
Ако пратениците одново го отфрлат Договорот, Меј тогаш ќе може да поднесе предлог за одлагање на Брегзитот за по 29 март.
Гласањето во Парламентот беше симболично со цел пратениците да се осигураат дека Владата нема да се откаже од ветувањето дека пратениците ќе го имаат конечниот збор за Брегзитот.
Пратениците во исто време ги одбија предлозите на Шкотската национална партија (СНП) за оневозможување на Брегзит без договор, како и на лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, кој предвидуваше заедничка царинска политика и тесни врски меѓу Велика Британија и ЕУ и по истапувањето на земјата од Унијата.
ФОТО: EPA / PETE SUMMERS