Британската премиерка Тереза Меј синоќа најави дека в сабота одново ќе отпатува за Брисел на преговори за финализирање на предлог-документот за идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ по Брегзит.
Меј, по враќањето од Брисел, каде за ова прашање разговараше со претседателот на Европската комисја, Жан-Клод Јунекр, истакна дека на преговорите не успеале да ги надминат сите разлики околу предлог-документот.
– Остана некои прашања за кои се уште разговараме. В сабота ќе се вратам во Брисел на дополнителни средби, вклучително и со претседателот Јункер, со цел да се обидеме да го финализираме овој процес – изјави Меј.
Претходно, како што јави МИА, портпарол на ЕУ синоќа соопшти дека Меј и Јункер на средбата во Брисел постигнале напредок во врска со планот за идните односи, но дека се уште нема конечен договор.
– Постигнат е многу добар напредок. Работата продолжува – истакна портпаролот по завршување на средбата што траеше околу час и половина, без да соопшти детали.
Меј се обидува да постигне договор за идните односи на Велика Британија со ЕУ, со цел да обезбеди поддршка во Долниот дом на британскиот Парламент за Предлог-договорот за Брегзит, што беше постигнат минатата среда.
Брисел и Лондон се надеваат дека ќе го усогласат планот за идните односи пред Самитот на ЕУ посветен на договорот за Брегзит, закажан за в недела.
Германската канцеларка Ангела Меркел порача дека очекува планот да биде договорен пред Самитот, бидејќи, како што рече, в недела не сака да дојде во Брисел на нови преговори.
ФОТО: EPA / PETE SUMMERS