Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека Европска Унија не е премногу пасивна во реакцијата на ескалацијата на тензии помеѓу Иран и САД.
– Понекогаш е подобро да не се интервенира. Најголемите проблеми во нашата историја секогаш биле предизвикани од премногу активна, а не од препасивна политика, истакна Туск по самитот на лидерите на ЕУ.
Тој додаде дека ЕУ внимателно ја следат и се загрижени поради развојот на ситуацијата во Орумски Теснец.
Туск наведе дека нема причина да се подготви посебна изјава на ЕУ на таа тема.
ЕУ ги повика две страни на воздржаност, наведувајќи дека се залага за опстојување на иранскиот нуклеарен договор, кој е во опасност да пропадне поради санкциите на САД.
Претходно, на воздржаност повикаа и генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш, германската канцеларка Ангела Меркел, британската премиерка Тереза Меј и рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рбјаков.
Гутереш истакна дека има само една препорака до САД и Иран – „челични нерви“
Во меѓувреме и Меркел и Меј апелираа САД и Иран да покажат воздржаност и да изнајдат начини за смирување на ситуацијата.
Меј исто така посочи дека Велика Британија е во контакт со САД за прашањата поврзани со ситуацијата во Иран.
– Веќе кажавме дека повикуваме на деескалација и одамна предочивме какви проблеми имаме со иранската активност. Не веруваме дека ескалацијата ќе биде во интерес на која било страна и ќе продолжима да разговараме со САД и нашите партнери, посочи портпаролот на Меј.
Претходно Рбјаков ги обвини САД дека намерно предизвикуваат опасни тензии со Иран и ја туркаат ситуацијата на раб од војна. Тој веста дека американскиот претседател Доналд Трамп издал па ја повлекол наредбата за воен напад врз Иран, ја оцени како „доказ дека работите излегле од контрола“.
Рбјаков исто така апелираше до Вашингтон да размисли за напад врз Иран и да ги согледа сите последици од отворен судир со Исламската Република.
Претходно, „Њујорк Тајмс“ објави дека Трамп утрово одобрил воен напад врз Иран во знак на одмазда за соборувањето на беспилотното летало вредно 130 милиони долари, но ја анулирал наредбата додека авионите биле во воздух.
– Трамп нареди напад врз Иран, ги подигна авионите, но се откажа во последен час, објави „Њујорк Тајмс“.
Потоа се огласија претставници на иранските власти, кои тврдат дека Трамп преку Оман ги предупредил дека САД е подготвена за напад.
– Трамп во својата порака рече дека е против војна со Иран и оти сака да разговара со Техеран за различни прашања… даде краток временски период за наш одговор, но непосредниот одговор од Иран беше дека Врховниот лидер (Ајатолахот Али) Хамнеи треба да одлучи за ова прашање. Објаснивме дека лидерот е против какви било разговори, но ја проследивме пораката до него за да донесе одлука… Сепак на претставникот од Оман му кажавме дека каков било напад врз Иран ќе има регионални и меѓународни последици, тврди неименуван ирански претставник.
Но, ирански владин претставник тврди дека Техеран не бил предупреден. Портпаролот на иранскиот Врховен национален совет Кејван Косрави тврди дека САД не го предупредиле Иран дека американскиот претседател Доналд Трамп подготвува напад.
Според најновиот твит на Трамп нападот врз Иран бил откажан откако му било сугерирано дека најверојатно ќе загинат 150 Иранци.
– Бевме подготвени целосно да се одмаздиме минатата ноќ на три различни места кога прашав, колкумина ќе умрат, објави Трамп на Твитер.
Кога му било кажано за бројот, Трамп рекол дека не е „пропорционален со уништувањето на беспилотното летало“.
Претседателот Трамп рече дека запрел операцијата 10 минути пред да почнат нападите.